Колку е сериозна бубрежната болест укажуваат и статистиките дека секој десетти адултен жител на земјава е со одреден степен на бубрежна слабост или секој трети до петти жител има шанса да развие хронична бубрежна болест, истакна директорката на Универзитетската клиника за нефрологија, Ирена Бушлетиќ на одбележување на Светскиот ден на бубрегот, што се одржа денеска во организација на Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“.
Од Здружението информираат дека околу 1600 пациенти се во краен петти стадиум на болеста и се лекуваат во 23 центри за дијализа во државава. Годинава, како што посочуваат, кампањата е „Да ги сплотиме знaењата за подобра нега на бубрежно болните лица!’’.
Д-р Бушлетиќ рече дека секогаш приказната или желбата да се постигне некоја цел е најдобро раскажана од тој кој ја поминува борбата. Најдобро, појасни таа, се раскажани и испратени пораките од пациентите со хронична бубрежна болест и токму заради тоа е и идејата за заеднички настапи и заедничка желба да упатиме пораки.
Не секогаш хроничната бубрежна болест или бубрежните наоѓаат свое место во големите национални кампањи. Колку е сериозна бубрежната болест видовме и во време на пандемијата со тоа што бубрежните заболувања беа рангирани како една од неколкуте коморбидитети за тешка клиничка слика на пациентите со Ковид-19 за жал и предиктори за зголемениот морталитет на пациентите со најтешки форми со Ковид-19 во единиците за интернзивна нега. Апелирам да размислиме за зеднички настапи, активности во текот на идната година и заеднички да делуваме. Само така можеме да придонесеме повеќе да не слушнат и надлежните инстанци кои организираат превентивни прегледи и национални кампањи и да работат со нас, додаде д-р Бушлетиќ.
Директорот на Универзитетската клиника за урологија, кој е шеф на тимот за транспланцијата, Сашо Дохчев рече дека е постигнат 90 отсто успешност на оперативните зафати, што е европски и светски успех.
По големиот застој во 2014 година заживеа кадаверичната трансплантација. Во време на пандемија во 2020 година направивме 12 трансплантации, што е солиден број, во 2021 година направивме 28 трансплантации. Посебно за одбележување е зголемениот број кадаверични трансплантации во услови на пандемија. За првпат во историјата на македонската трансплантологија на бубрези се направија многу поголем број кадаверични трансплантации од ливинг донор трансплантација која е основна постапка за трансплантација. Направвивме 16 кадаверични трансплантации и 12 ливинг донор трансплантаци со одличен успех. Само две беа неуспешни трансплантации, истакна д-р Дохчев.
Изрази надеж дека бројот на кадаверични трансплантации ќе расте и потенцира дека нивна цел е да промовираат што повеќе органи да се даруваат од починати пациенти.
Почнаа трансплантации на срце на Клиниката за кардиохирургија и на коски на Клиниката за ортопедија. Останува што повеќе да се вклучиме во кампањата за органодарителство, да го промовираме и да кажеме дека тоа е највисок чин на човекољубие. Нема поголема хумана дејност од органодарителството,
Претседателот на Здружението „Нефрон“, Душко Ѓорѓиев рече дека Светскиот ден на бубрегот се одбележува во над 200 земји.
Недостигаат многу наши драги луѓе, соработници кои во пандемијата го загубија животот. Останавме такви какви што единствено знаеме да бидеме – истрајни, борбени и со желба за живот. За нас велат дека го купуваме животот со часови. Имено, со четири часа дијализа го купуваме следниот период од 48 часа. Ние сме најголемите борци, никогаш не се откажуваме и така тоа го правиме веќе втора деценија. Идната година ќе славиме 20 години постоење на Здружението. Велат дека сме издржливи, а кој друг може да издржи четири, пет часа врзан на едно место на апаратот кој му ја прочистува крвта и секој втор ден повторно доброволно да дојде и мирно да седне за истата остапка. Знаме да искажеме благодарност до медицинските работници и кон сите кои ни дарувале дел од себе за трансплантација и кои се нашите спасители, додаде Ѓорѓиев.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.