Германското списание „Фокус“ го прогласи Требиње во БиХ за најдобро место на светот за живеење по пензионирањето. „Фокус“ ја направи ранг листата споредувајќи 575 градови во светот, а како критериум, меѓу другото, ја зеде безбедносната состојба и квалитетот на здравствената заштита според мислењето на странците кои живеат таму.
Изборот на најдоброто место за живеење по пензионирањето ја зеде предвид и просечната кирија и трошоците за живот во споредба со Берлин, добрата клима, квалитетот на воздухот и колку брзо и без стрес можете да поминете низ градот со автомобил или јавен превоз.
Според „Фокус“, Требиње освои 81,9 поени од вкупно 100, со што годинава од врвот е симнат минатогодишниот победник, грузискиот град Батуми.
Најмногу поени се поврзани со кириите, трошоците за живот и здравствената заштита, а секоја земја се појавува на листата само еднаш со својот најдобар град. Требиње годинава забележа напредок од 1,1 поен.
Германскиот магазин пишува дека Требиње се наоѓа во најјужниот дел на Босна и Херцеговина и e блиску до морето и дека тоа е најмалото место на оваа листа.
„Фокус“ посочува дека градот е историски интересен со католичка катедрала, српски православен манастир и џамија кои ги илустрираат разликите.
Меѓу десетте најдобри места за „златното доба“ по Требиње се Анталија во Турција, Мангалор во Индија, Чингдао во Кина, Куенка во Еквадор, Сорокаба во Бразил, Коимбра во Португалија, Великo Трново во Бугарија, Темишвар во Романија и Осиек во Хрватска.