Со палење на фестивалскиот оган и читање на Константиновата Т`га за југ вчера вечер во Домот на поезијата во Струга почна 64-тото издание на најпрестижната поетска манифестација во светот, Струшките вечери на поезијата.

Фестивалот за отворен го прогласи, покровителот на манифестацијата, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а свои обраќања имаа и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков и директорот на НУМ Струшки вечери на поезијата Никола Кукунеш.

Кукунеш потсети дека неслучајно визуелниот фокус е ставен на глаголицата, нагласувајќи ја буквата „Г“, која во тоа писмо е именувана како „глаголи“ – што значи зборува/говори.

„Пред нашите очи, со сиот свој пркос, се појавува сликовната страна на старословенскиот јазик – јазикот кој го зборувале Македонците од околината на Солун, т.е. јазикот на сесловенската писменост. Јазикот за кој како по зрак светлина или душевна храна пекале Словените во Моравија и Панонија. Во еден од првите оригинални текстови на старословенски јазик, „За буквите“ – поптпишан со псевдонимот Црноризец Храбар, стои: „Порано Словените немаа букви, туку се служеа со рески и цртички, читаа и гатаа…“ Сѐ до оној момент кога браќата Свети Кирил и Методиј ја создале глаголицата, ги превеле првите книги и тргнале да ги описменат Словените на север. Тоа значи дека јазичната и културната врската меѓу Македонија и Словачка е нераскинлива цели 1162 години, очигледно е дека трае и денес, а доказ за тоа е годинешниот лауреат на „Струшките вечери на поезијата„ – словачкиот поет, г-н Иван Штрпка“, додаде Кукунеш.

Големите идеи кои потекнуваат од малите народи и малите јазични средини забележа дека се честа мета на оспорувања или присвојувања.

„Таква е судбината и на македонскиот јазик. Но, факт е дека постоењето на Охридскатакнижевна школа и Светиклиментовиот универзитет не можат да бидат приграбени од никого, затоа што ги обединува глаголицата и се директно продолжување на килилометодиевската традиција – нешто со кое можат да се идентификуваат мал број средновековни писмени центри. Ова е уште еден од низата докази дека македонскиот јазик и писменост се уникатна појава и дека беспредметна е секоја полемика по ова прашање. Богатата препишувачка дејност, но пред сѐ, авторската полемична и поетска оставнина се бесмртно сведоштво дека ниту сме биле епигони, ниту сме се идентификувале со нешто туѓо“, подвлече Кукунеш.

Претседателката на државата Сиљановска-Давкова навраќајќи се на почетоците на формирање на Струшките вечери на поезијата во 1961 година, пред 64 години, кога група македонски поети се собрале во Струга, за да ја одбележат 100-годишнината од објавувањето на Зборникот на браќата Миладиновци, изрази увервање дека по 64-тото издание на Струшките вечери на поезијата, Струга, но и светот ќе бидат поинакви.

„Фокусирањето на глаголицата води 1160 години назад, кон старословенскиот јазик и огромната обединувачка улога на сесловенските просветители Кирил и Методиј, кон писменоста и нејзината најблиска другарка – поезијата. Ова е вашата поетска република. Од тука, од Струга, вие сте го менувале и сѐуште можете да го менувате светот, градејќи вечни поетски мостови од неуништливи материјали: мислата и зборот, проткаени со ум и чувства“, рече претседателката на Република Македонија.

Добре дојде во Струга, на присутните поети на 64-тите Струшки вечери на поезијата им посака и министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

„Ова издание на фестивалот е осветлено од знакот на глаголицата, писмото што ни ја подари светлината на словото. Таа е нашата културна душа, сведоштво за нашата историја и наша врска со иднината. Затоа, во годината кога одбележуваме 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, со особена гордост се навраќаме кон првата искра, кон буквите што се претворија во корен, идентитет и вечност.За нас е голема чест што е вечерва со нас г. Иван Штрпка, легендата на словачката поезија и мајстор на зборот, кој потенцира дека „глаголицата не е само писмо, туку душа на зборот“. Поезијата и глаголицата се како два извора што паралелно течат низ времето: едниот нѐ потсетува на корените, другиот нѐ води кон бескрајот. Во секој стих, како и во секој глаголски текст, се крие светлина што ги осветлува нашите души и ги поврзува со сите генерации“, рече Љутков.

 

Манифестацијата продолжува со Меѓународното поетско читање „Меридијани“, на кое ќе настапат поети од различни меридијани и култури, пренесувајќи ја својата поетска мисла во градот на мостовите.

Текстот Свечено отворени 64-тите Струшки вечери на поезијата е превземен од МАКФАКС.