Меѓународниот одбор на фудбалска асоцијација (ФИФА) соопшти дека ќе го разгледа изненадувачкиот предлог на јужноамериканскиот фудбал за проширување на Светското првенство на 64 репрезентации во 2030 година.
„Предлогот да се анализира Светско првенство со 64 тима за прослава на стогодишнината во 2030 година беше спонтано изнесен од член на Советот на ФИФА под точката „разно“ на дневниот ред кон крајот на состанокот на Советот на ФИФА“, се вели во соопштението на светската фудбалска организација.
„Идејата беше прифатена, бидејќи ФИФА има обврска да го анализира секој предлог од еден од нејзините членови или членови на Советот“, се додава во соопштението.
Идејата ја предложил уругвајскиот делегат Игнасио Алонсо, дознава Асошиејтед прес од анонимен извор.
Уругвај беше првиот домаќин на Светското првенство и победник на натпреварувањето во 1930 година, а треба да биде домаќин на еден натпревар во 2030 година.
ФИФА веќе го зголеми бројот на учесници од 32 на 48 за следното Светско првенство во 2026 година во САД, Мексико и Канада.
Светското првенство во 2030 година ќе има по еден воведен натпревар во Уругвај, Аргентина и Парагвај, пред натпреварувањето да се пресели кај главните домаќини Шпанија, Португалија и Мароко.
ФИФА одобри директно учество на Светското првенство за сите шест земји домаќини, што се смета за победа на политиката на Парагваецот Алехандро Домингез, претседател на Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ).
Доколку конкуренцијата се прошири на 64 екипи, десетте членки на КОНМЕБОЛ ќе учествуваат на овој Мундијал. Тоа би довело до организација на 128 натпревари, а со тоа и повеќе играчи би учествувале на Мундијалот.
Синдикатите на фудбалери во последните години жестоко ги критикуваат организаторите за промена на форматите и воведување на поголем број натпревари без консултација со играчите.
ФИФА не прецизираше временска рамка за разгледување на предлогот и евентуална одлука.
Следниот Конгрес на ФИФА со 211 членови ќе се одржи во Парагвај во мај.
Текстот Светско првенство со 64 репрезентации – ФИФА ќе ја разгледа оваа опција е превземен од МАКФАКС.