Самитот на ОН за климата кој вчера беше официјално отворен во Глазгов, продолжува во наредните две недели во интензивни преговори меѓу претставници на речиси 200 земји за тоа како да се соочат со заедничкиот предизвик на глобалното затоплување. Денеска во Глазгов ќе се соберат светските лидери за да разговараат за напорите на нивните земји да ги ограничат емисиите на стакленички гасови и како да се борат против ефектите од климатските промени.
Претседателот на климатската конференција COP26, Алок Шарма, оцени дека овој собир е „последна и најдобра надеж“ да се достигне границата на затоплување на планетата до 1,5 Целзиусови степени, што беше најамбициозната цел на Парискиот договор за климата. „За време на пандемијата Ковид-19, климатските промени не мируваа. Сите показатели се во црвено на табелата за климатските граници“, рече Шарма на првиот ден од двонеделниот собир, кој се смета за клучен за иднината на човештвото.