Саудиска Арабија егзекутираше новинар во саботата откако највисокиот суд во земјата ја потврди смртната казна, соопшти државната новинска агенција.

Истакнатиот саудиски новинар Турки Ал-Џасер беше уапсен во 2018 година. Тој беше прогласен за виновен за тероризам и предавство. Активистичките групи велат дека обвиненијата против него се лажни. Властите извршија рација во домот на Ал-Џасер во 2018 година, го уапсија и му го запленија компјутерот и мобилните телефони.

Не е јасно каде се одржало судењето ниту колку долго траело. Според Комитетот за заштита на новинарите со седиште во Њујорк, саудиските власти тврдат дека Ал-Џасер стоел зад профил на социјалните мрежи на кој се изнесувале обвинувања за корупција против членови на саудиското кралско семејство. Се вели дека Ал-Џасер објавил и неколку контроверзни твитови за милитанти и милитантни групи.

Ал-Џасер водел личен блог од 2013 до 2015 година и бил познат по своите статии за Арапската пролет, женските права и корупцијата.

Директорот на програмата на Комитетот за заштита на новинарите, Карлос Мартинез де ла Серна, го осуди погубувањето и предупреди дека недостатокот на одговорност по убиството на колумнистот на „Вашингтон пост“, Џамал ​​Кашоги, во саудискиот конзулат во Истанбул во 2018 година, му дозволува на кралството да продолжи да ги прогонува новинарите.

„Неуспехот на меѓународната заедница да обезбеди правда за Џамал ​​Кашоги не е само предавство на еден новинар“, забележа тој, додавајќи дека тоа „го охрабрило де факто владетелот, престолонаследникот Мохамед бин Салман, да продолжи да ги прогонува новинарите“.

Текстот Саудиска Арабија егзекутираше новинар е превземен од МАКФАКС.