Саудиска Арабија ќе почне да дозволува продажба и ограничена потрошувачка на алкохол преку строго регулиран систем за лиценцирање од 2026 година, како дел од подготовките за домаќинство на големи меѓународни настани, вклучувајќи ги Експо 2030 и Светското првенство во фудбал во 2034 година, објавија саудиските медиуми.

Забраната за алкохол во Саудиска Арабија е во сила од 1952 година и важи и за локалното население и за странците.

Според „саудимоментс.ком“, новиот режим ќе опфати приближно 600 локации низ целата земја, вклучувајќи хотели со пет ѕвезди, луксузни одморалишта, дипломатски зони и туристички проекти како што се Неом, островот Синдала и проектот Црвено Море.

На објекти што ќе имаат дозвола ќе им биде овозможено да служат пиво и вино, но пијалоците со повеќе од 20 проценти алкохол – како што се жестоките пијалоци – ќе останат забранети.

Алкохолот нема да биде достапен во домовите, јавните површини, продавниците или за лично производстфво, бидејќи политиката е ограничена на области првенствено наменети за меѓународни посетители и иселеници.

Продажбата ќе биде дозволена само во овластени објекти, со лиценциран персонал и јасно дефинирани процедури. Службениците нагласуваат дека правилата се дизајнирани да обезбедат одговорна потрошувачка и да го зачуваат јавниот ред во согласност со локалните норми.

Системот за лиценцирање е дел од националната иницијатива „Визија 2030“, со која Саудиска Арабија сака да ја диверзифицира економијата и да развие сектори како што се туризмот, забавата и угостителството. Властите очекуваат новата политика да придонесе за создавање работни места и привлекување меѓународни инвестиции, особено во секторите за угостителство и управување со настани.

Неколку глобални хотелски синџири веќе ги прилагодуваат своите планови пред стапувањето на сила на новите регулативи.

Сепак, регулацијата и надзорот ќе останат клучни, а секое кршење или злоупотреба на правилата ќе биде санкционирано. Според владини претставници, целта е оваа промена да се спроведе на начин што ќе ги поддржува економските цели, а воедно ќе го зачува националниот идентитет.

Текстот Саудиска Арабија го менува законот за алкохол по 73 години е превземен од МАКФАКС.