Лидерите на Западен Балкан се собраа денеска во Тирана на самит посветен на европската интеграција на регионот и спроведувањето на Планот за раст за Западен Балкан.
Учесниците на самитот во Конгресната палата ги пречека албанскиот премиер Еди Рама, кој е домаќин на средбата.
На самитот дојдоа премиерот на Северна Македонија, Талат Џафери, претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кристо и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Како што јави агенцијата Бета, новинарите не ги видоа лидерите на Црна Гора и Косово кои вчера учествуваа на Самитот Украина-Југоисточна Европа во Тирана.
Албанската телевизија Еј-би-си њуз објави дека претставниците на Косово и Црна Гора нема да бидат физички присутни и дека косовскиот премиер Албин Курти испратил видео порака до собирот.
На самитот учествуваат и европскиот комесар за проширување Оливер Вархеј и генералниот секретар на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу.