Доживеаја дебакл на локалните избори, но двајцата лидери на албанската опозициска коалиција „Заедно победуваме“ Сали Бериша и Илир Мета, не помислуваат да поднесат оставка. Тие поразот го правдаат со обвинувањата дека изборите биле купени со стотици милиони евра.
„Во летото 1991 година дадов заклетва пред себе. Каква беше таа заклетва? Таа заклетва беше дека првите слободни избори што ќе ги изгубам ќе заминам од политиката. Тоа беше заклетва и стојам зад таа заклетва. Првиот пат кога се случи тоа во 2013 година, се збогував. Во меѓувреме, изборите се изгубени, но гласовите се заштитени. Јас победив со меѓународната заедница на изборите какви што ги знаеме во 2001 година. Значи, во овој контекст да заборават дека ќе се повлечам, освен од гласот на демократите, од никој друг фактор пред монструозниот изборен криминал. Ниеден притисок, во ниедна форма. Напротив, тоа само ми ја зголемува мојата мотивација“, вели Бериша.
Илир Мета, кој отиде во канцеларијата на Сали Бериша три дена по изборите, најави ескалација на акцијата на опозицијата во општинските совети.
„Целото ова уништување и отуѓување на гласањето е документирано и ќе започне процес за правно оспорување и ескалација на опозициското дејствување во име на заштита на слободното гласање, а знаете дека и покрај преиначување на подземјето со заштита од полицијата, уште еднаш едно е јасно. Магарињата кои Рама им ги наметна нема да крадат на раат како што тоа го правеа 4 години. Веднаш ќе се препознае ескалацијата на дејствувањето на опозицијата во општинските совети и враќањето на транспарентноста“, вели Мета.
Коалицијата „Заедно победуваме“ предводена од Мета и Бериша доживеа длабок пораз, освојувајќи само 7 мали општини и ниту едно мнозинство во советите. Социјалистичката партија на Еди Рама, која сама излезе на изборите, победи во 53 општини, вклучително и Тирана.
Шкелзен Аќифи