Пет железнички станици во централна и западна Украина денеска беа цел на руски напади. Има жртви и повредени. Руското Министерство за одбрана соопшти дека истрелало ракети врз нафтената рафинерија Кременчук.

Advertisements

Во меѓувреме во раните утрински часови избувна пожар во складиште за нафта во областа Бријанск во Русија. Бријанск е клучен логистички центар за руските сили кои се борат против Украина во Донбас. Украинските власти известуваат дека руските сили постојано и понатаму го бомбардираат Мариупол, но Москва соопшти дека понудила привремен прекин на огнот за евакуација на цивилите кои се заглавени во бункерите на фабриката Азовстал. Станува збор за околу 1.000 лица кои се таму заедно со преостанатите украински војници.

„Дали е тоа христијански народ кој вчера продолжи да ги бомбардира нашите градови и нашите граѓани? Кој го бомбардираше Чухув во Харков? Кој уби две или повеќе деца во Доњецк за Велигден? Девојки на возраст од 5 и 14 години“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина

Во меѓувреме, рускиот претседател Путин изјави денеска дека напорите за уништување на Русија одвнатре, не даваат резултати.

„Нашето општество покажува зрелост, ги поддржува нашите вооружени сили, стои зад нашите напори да создадеме целосна безбедност за Русија и да ги поддржиме граѓаните кои живеат во Донбас“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија

Русија ги предупреди САД да не испраќаат повеќе оружје во Украина. Амбасадорот на Москва во Вашингтон рече дека таквиот потег ќе ја влоши ситуацијата и ќе го зголеми интензитетот на конфликтот во Украина. Најавите доаѓаат откако американскиот државен секретар Ентони Блинкен и американскиот секретар за одбрана Лојд Остин се сретнаа со украинскиот претседател Зеленски во Киев вчера и ветија нова помош во вредност од 713 милиони долари.

„Стратегијата што ја имплементиравме, со повеќе од 30 земји вклучени во овие напори, дава резултати. Гледаме дека целта на руската војна пропаѓа и Украина постигнува успех. Не знаеме како ќе биде остатокот од војната, но знаеме дека суверена Украина ќе трае подолго од Владимир Путин“, изјави Ентони Блинкен, американски државен секретар. /Алсат.мк

Семра Мусаи