Соединетите Американски Држави и Европската Унија постигнаа рамковен трговски договор, објавија американскиот претседател Доналд Трамп и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, избегнувајќи понатамошни компликации во спорот меѓу двата сојузници кои сочинуваат речиси една третина од глобалната трговија.
Тоа беше постигнато откако фон дер Лајен отпатува во Шкотска на разговори со Трамп за да ги протурка месеците тешки преговори меѓу Брисел и Вашингтон. Договорот вклучува царини од 15% за стоките од ЕУ што влегуваат во САД и предвидува ЕУ да купи значителни количини американска енергија и воена опрема.
Together, the EU and the US are a market of 800 million people.
And nearly 44 percent of global GDP.
It’s the biggest trade deal ever ↓ https://t.co/rG3cHebXEk
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) July 27, 2025
Исто така, предвидува 600 милијарди долари инвестиции од ЕУ во Соединетите Држави, изјави Трамп за новинарите. Трамп, читајќи од парче хартија, рече дека ЕУ ќе се согласи да купи американски енергетски производи во вредност од 750 милијарди долари.
„Мислам дека ова е најголемиот договор досега“, им рече Трамп на новинарите по едночасовниот состанок со фон дер Лајен, која рече дека царината од 15 проценти „важи за сè“.
„Имаме договор меѓу двете најголеми економии во светот и тоа е голема работа. Огромен договор. Ќе донесе стабилност. Ќе донесе предвидливост“, рече таа.
Основната царина од 15 проценти ќе биде сфатена од многумина во Европа како лош исход во споредба со почетната европска амбиција да преговараат за нулта царина едни со други, но сепак е подобра од стравуваната стапка од 30 проценти.
Договорот е многу сличен на оној постигнат меѓу САД и Јапонија минатата недела.
„Се согласивме дека царините… за автомобили и сè друго ќе бидат 15 проценти“, рече Трамп. Сепак, царините нема да важат за челик и алуминиум, кои ќе останат на 50 проценти.
Договорот следеше по две недели тензии предизвикани од писмото на Трамп до Урсула фон дер Лајен, во кое се закани дека ќе ги зголеми царините за повеќето европски производи на 30 проценти доколку не се постигне договор до 1 август. Ескалацијата на Трамп ги изненади преговарачите на ЕУ, кои веруваа дека прелиминарниот договор е на дофат.
Потоа Европската Унија активираше контрамерки, подготвувајќи список од американски производи во вредност од 93 милијарди евра – од авиони и автомобили до соја и кентаки бурбон – кои ќе се соочат со одмазднички царини.
Трамп, кој претходно изјави дека е „во лошо расположение“, на крајот изрази задоволство од исходот.
„Ова ќе донесе многу единство и пријателство. Ќе функционира навистина добро“, рече тој. Фон дер Лајен ја нагласи важноста на избалансираната трговија што обезбедува просперитет и работни места од двете страни на Атлантикот.
Иако е постигнат договор, заедничка изјава или текстот на договорот сè уште не се објавени. Извори блиски до европскиот преговарачки тим велат дека е клучно што е можно поскоро да се формализира писмен документ. Се очекува Европската комисија во понеделник да ги информира амбасадорите на земјите-членки за деталите од договорот.
Текстот САД и ЕУ постигнаа договор за царините е превземен од МАКФАКС.