Украинските сили ги гаѓаа платформите за дупчење во Црното Море во сопственост на кримската компанија за нафта и гас, изјави денеска прорускиот шеф на анектираниот полуостров Сергеј Аскионов, без да даде детали за тоа какво оружје е користено.

Advertisements

Три лица се повредени, а потрагата по седум работници на енергетската компанија Черноморнефтегаз е во тек, изјави Аскионов, кој беше назначен од Русија по анексијата на Крим во 2014 година.

Кримските власти соопштија дека работата на три платформи за дупчење била прекината по ударот и пријавиле пожар. Украинската армија одби да коментира.

Тој не прецизираше кои инсталации се погодени, но компанијата Черноморнефтегас експлоатира неколку полиња со гас и нафта во Црното и Азовското Море во близина на Крим, според агенцијата Франс прес.

Ова е прв пријавен напад на офшор енергетската инфраструктура на Крим од почетокот на руската офанзива врз Украина на крајот на февруари.
Властите поддржани од Русија го запленија Черноморнефтегаз од украинскиот национален оператор за гас Нафтогас како дел од анексијата на полуостровот од Москва во 2014 година. Компанијата е под санкции од Соединетите Држави и Европската унија.

Постројките се наоѓаат во близина на јужниот брег на Украина во Црното Море, на 71 километар од Одеса, објави новинската агенција РИА Новости, повикувајќи се на Олга Ковитида, сенаторка која го претставува Крим во Горниот дом на рускиот парламент.

Руските власти изразија загриженост поради изјавите на украинските воени претставници кои ја споменаа можноста за таргетирање на инфраструктурата на Крим, како што е мостот Керч што го поврзува Крим со Русија – како дел од контраофанзивата на Украина на југ, пренесува Ројтерс.

Русија започна инвазија на Украина на 24 февруари, а во 2014 година го анектира Крим и источните делови на земјата, пренесува slobodnaevropa.mk.