Руските државни соопштија дека Министерството за одбрана на земјата денеска наредило делумен прекин на огнот во опколените украински градови Мариупол и Волноваха, за да можат цивилите да ги напуштат градовите низ хуманитарни коридори. Во извештаите се вели дека хуманитарните премини и излезните правци биле координирани со украинската страна.
Руското Министерство соопшти дека прекинот на борбите ќе започне во 10 часот по московско време, што е 9 часот во Киев и 7 часот по средноевропско време. Но, не беше можно веднаш да се потврди дали руското оружје било запрено околу двете јужни урбани области.
Рускиот претседател Владимир Путин на 24 февруари најави целосна инвазија на Украина, а оттогаш илјадници луѓе се убиени, а повеќе од 1,2 милиони воени бегалци ја напуштија земјата.
Руското Министерство за одбрана денеска додаде дека руската широка офанзива во Украина ќе продолжи, објавија руските медиуми.
Мариупол е стратешки важен град на Азовското Море со повеќе од 400.000 жители, каде со денови има прекин на водата и струјата.
Градоначалникот на Мариупол, Вадим Бојченко, преку Телеграм изјави дека паузата „ќе даде можност да се започне со обновување на критичната инфраструктура, како електричната енергија, водата и мобилната комуникација. Исто така, ќе биде можно да се обезбеди Мариупол со основна храна и лекови“.
Украинските и меѓународните обвинувања за можни воени злосторства и таргетирање на цивили се зголемија во последниве денови, откако почнаа да се шират слики од разнесени украински станбени згради и други станбени области, а локалните власти предупредуваат за прекин на струјата и водата.