Владимир Путин им нареди на своите војници да не ја напаѓаат фабриката за челик Азовстал, која е последната база на отпорот на украинските борци во Мариупол. Наместо тоа, тој им порача херметичко да ја запечатат областа, додавајќи дека Русија веќе има контрола врз стратешкиот пристанишен град на Азовското море.

Advertisements

„Вооружените сили на Руската Федерација и Народната милиција на Народна Република Доњецк го ослободија Мариупол“, рече Сергеј Шојгу, руски министер за одбрана.

„Сметам дека предложениот напад на индустриската зона е бесмислен. Наредувам да се запре. Ова е случај кога треба да размислуваме – односно секогаш да размислуваме, но уште повеќе во овој случај – за зачувување на животот и здравјето на војниците и нашите офицери. Нема потреба да лазиме под земја низ овие индустриски капацитети. Блокирајте ја оваа индустриска област за да не помине ниту мува“, рече Путин.

Но, советник на украинскиот претседател изјави дека наредбата на Путин да запрат нападите во фабриката е знак дека Русија сфатила оти не може да ја окупира и да ја преземе контролата над Мариупол.

„Украинските трупи продолжуваат да ја држат фабриката за челик Азовстал. Но, руското воено одбивање да го нападне Азовстал сè уште може да се објасни со фактот дека тие преместија дел од своите војници на север за да ги зајакнат своите групи кои се обидуваат да ја постигнат главната политичка цел, односно стигнување до административните граници на регионите Луганск и Доњецк“, рече Олексеј Арестович, советник на претседателот Зеленски.

Заземањето на Мариупол од страна на Русија ќе ја поврзе територијата што ја држат проруските сепаратисти на исток со полуостровот Крим што Москва го анектираше во 2014 година.

Фатлуме Дервиши