Руската армија денеска изврши ракетен напад врз Одеса за време на средбата на украинскиот претседател Володимир Зеленски со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во пристанишниот град, изјави Зеленски на прес-конференција со грчкиот премиер во Одеса, пренесува Укринформ.
„Го видовме овој удар. Знам дека денеска има жртви. Има мртви и ранети“, рече Зеленски.
Мицотакис, пак, истакна дека во моментот на експлозијата бил со украинскиот претседател на пристаништето.
„Бевме на пристаништето. Претседателот Зеленски и неговиот тим ни ја објаснија важноста на пристаништето и ни кажаа што се прави за негово обновување. Особено, видовме каква штета е направена на пристаништето со нападите. На крајот од посетата слушнавме сирена за воздушен напад и силни експлозии околу нас. Ова е импресивно искуство, јасно е дека оваа војна влијае на сите и не поштедува никого“, рече Мицотакис.
М. П.