По предлогот на полскиот премиер Моравиецки за мировна мисија на НАТО во Украина, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека предлогот ќе доведе до незамисливо сценарио за директна воена конфронтација меѓу Русија и алијансата.
„Нашите полски колеги веќе изјавија дека на следниот самит на НАТО треба да распоредат мировници во Украина. Се надевам дека знаат за што зборуваат. Ова ќе биде токму конфронтација меѓу руските вооружени сили и НАТО што сите не само што сакаа да ја избегнат, туку рекоа дека никогаш повеќе не треба да се повтори“, рече Лавров.
Германскиот канцелар Шолц повтори дека неговата земја нема да поддржи зона на забранети летови над Украина или распоредување војници за да интервенираат во војната што ја започна Русија. Шолц им порача на германските пратеници дека „НАТО нема да стане страна во војната“.
„НАТО нема да се вмеша во војната. За ова се согласив со нашите европски сојузници и со САД“, рече Шолц.
Но, Шолц рече дека Украина може да смета на германската помош, наведувајќи ја веќе понудената финансиска и воена помош.
Портпаролот на рускиот претседател Путин призна дека Русија сè уште не постигнала ниту една од своите воени цели во Украина и одби да негира дека Москва може да користи нуклеарно оружје. Во интервју за Си-Ен-Ен, Дмитриј Песков рече дека според руската безбедносна политика тие би можеле да користат оружје во случај постоењето на земјата да биде загрозено.
„Ние имаме концепт за внатрешна безбедност и овој концепт е јавен, можете да ги прочитате сите причини за употребата на нуклеарно оружје. Значи, ако постои егзистенцијална закана за нашата држава, тогаш [нуклеарниот арсенал] може да се користи во согласност со нашиот концепт“, рече Песков.
Путин нареди нуклераните сили да се подигнат на високо ниво на подготвеност.
Шкелзен Аќифи