Гувернерот на американската сојузна држава Флорида, Рон Десантис, објави дека влегува во претседателската трка во 2024 година како кандидат на Републиканската партија. Влегувањето на Десантис во трката за претседател се шпекулираше со месеци, а во неа главен ривал ќе му биде поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
Четириесет и четиригодишниот Десантис до Федералната изборна комисија го поднел документот во кој ја објавува кандидатурата, пред онлајн-разговорот што го имал со извршниот директор на Твитер, Илон Маск.
Освен што се смета за главен ривал на Трамп во Републиканската партија, гувернерот на Флорида се смета за еден од најсилните републикански кандидати во нивниот обид да ја преземат Белата куќа од демократот Џо Бајден.
Заедно со Трамп и Десантис, во трката за републикански претседателски кандидат се и поранешната амбасадорка на САД во ОН, Ники Хејли, сенаторот од Јужна Каролина, Тим Скот, поранешниот гувернер на Арканзас, Аса Хачинсон и претприемачот Вивек Рамасвами. Како можен кандидат се смета и поранешниот американски потпретседател Мајк Пенс, но тој сè уште не најавил влез во трката.
Претседателскиот кандидат на Републиканската партија, кој ќе биде познат во првата половина на следната година, ќе му биде ривал на Бајден на изборите во САД кои ќе се одржат на 5 ноември 2024 година.