Поранешниот американски претседател Џо Бајден вчера им се заблагодари на своите поддржувачи за „изразите на љубов“ што му ги покажаа откако еден ден претходно објави дека боледува од рак, додека сојузниците на Доналд Трамп изразија сомневање дека помошниците на Бајден ги прикриваат неговите здравствени проблеми. „Ракот нè погодува сите. Ви благодариме што нè поддржувате со вашата љубов и охрабрување“, напиша 82-годишниот демократ во кратка порака на социјалните мрежи, споделувајќи фотографија со својата сопруга.
Неговите соработници во неделата објавија дека неколку дена претходно му е дијагностициран „агресивен“ облик на рак на простата кој се проширил и „метастазирал во коските“. Дијагнозата повторно ги разгоре шпекулациите дека помошниците на Бајден криеле информации за неговото влошено здравје за време на неговиот мандат.
„Да бидеме искрени“, рече американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, додека Доналд Трамп помладиот, еден од синовите на сегашниот претседател, отиде дотаму што отворено ја доведе во прашање можноста за „прикривање“ на информации.
„Иако ракот на простата генерално се дијагностицира порано од другите видови за време на рутинските прегледи, не е невозможно да бил занемарен или брзо да се развил кај Џо Бајден“, изјави за АФП Отис Броули, професор по онкологија на престижниот универзитет Џонс Хопкинс.
„Не е невообичаено кај маж да биде дијагностицирана метастатска болест на простатата и покрај тоа што има редовен годишен преглед“, рече Броули.
„Не може да се исклучи можноста дека ова е исклучително агресивна форма која брзо се развила“, изјави онкологот Наташа Наун од францускиот институт „Гистав-Руси“. Ракот на простата е најчестиот рак кај машката популација и сочинува 15 проценти од сите видови на рак кај мажите. Во Соединетите Американски Држави, тоа е „втора водечка причина за смрт од рак кај мажите“, според Американското здружение за рак.
„Џо Бајден и неговото семејство ги разгледуваат опциите за лекување со неговите лекари“, соопшти канцеларијата на Бајден. Актуелниот претседател Доналд Трамп изјави дека е „тажен“ од веста и му посака на својот претходник „брзо закрепнување“, иако со години се потсмеваше на неговите физички и когнитивни способности.
„Џо е борец“, коментираше поранешната потпретседателка Камала Харис, а британскиот крал Чарлс, кој самиот боледува од рак, му испрати писмо на Бајден со поддршка, објави вчера Бакингемската палата.
Текстот Ривалите на Бајден се сомневаат во прикривање на дијагнозата за рак; Вeнс: Да бидеме искрени е превземен од МАКФАКС.