Косопственикот на Манчестер јунајтед, Сер Џим Ретклиф, изјави дека некои играчи „не се доволно добри“ за клубот и дека некои од нив се „преплатени“.
Ретклиф, спомна играчите како Касемиро, Расмус Хојлунд, голманот Андре Онана, Антони и Џејдон Санчо, кои се на позајмица во други клубови, како фудбалери кои неговото раководство ги наследи.
Навивачите ги критикуваа овие играчи додека беа на „Олд Трафорд“.
„Потребно е време да се оддалечиме од минатото на ново место во иднината“, рече Ретклиф.
На прашањето дали сугерира дека овие фудбалери не се доволно добри за Манчестер јунајтед, тој одговори:
„Некои од нив не се доволно добри, а некои веројатно се преплатени, но за да формираме тим за кој сме целосно одговорни, ќе треба време. Како што знаете, имаме одлични играчи во тимот, капитенот е одличен фудбалер. Дефинитивно ни треба Бруно (Фернандеш), тој е фантастичен фудбалер“, рече тој.
Ретклиф е навивач на Манчестер јунајтед од дете, тој е британски милијардер и претседател на петрохемиската компанија Инеос, која е голем инвеститор во спортот.
Тој минатата година потроши 1,3 милијарди фунти за 28,94 отсто од акциите во клубот, а неговата компанија ги презеде фудбалските операции.
Зборувајќи за тренерот Рубен Аморим, кој го замени отпуштениот Ерик Тен Хаг во ноември, Ретклиф рече дека Португалецот има поддршка од раководството.
Аморим загуби девет од 26 натпревари во Премиер лигата, а тимот заостанува 36 бода зад лидерот Ливерпул.
Текстот Ретклиф: Некои играчи не се доволно добри за Јуанјтед, а некои се преплатени е превземен од МАКФАКС.