Не успеа oбидот на Републиканската партија да ги промени изборните правила во Небраска, така што на претстојните претседателски избори сите електорски гласови од таа американска сојузна држава му припаднат на поранешниот американски претседател, републиканецот Доналд Трамп.
Како што пренесува МИА, еден локален пратеник, исто така републиканец, не ги поддржа своите сопартијци за промена на законот. Сенаторот Мајк Мекдонел од Омаха рече дека се противи петте електорски гласови од Небраска, која е наклонета кон републиканците, да се доделуваат врз основа на принципот „победникот зема се“, според правилата во 48 од 50 американски држави.
Небраска и Мејн имаат поинакви правила, така што сите електорски гласови освен еден оди кај кандидатот кој е победник на ниво на соjузната држава, а тој еден глас оди за победникот на ниво на конгресните дисктрикти.
На последните избори, во „републиканска“ Небраска, тој изборен глас го освои кандидатот на Демократската партија, актуелниот претседател на САД, Џозеф Бајден. Истиот глас во Небраска во 2008 година го освои демократот Барак Обама.
Ставот на сенаторот Мекдонел, кој го искажа и претходно бидејќи смета дека претседателот на САД во Небраска треба да биде избран од народот, а не од политичарите, значи дека републиканците немаат двотретинско мнозинство во Небраска за да ја протуркаат реформата според која тој еден глас би требало да оди кај републиканскиот кандидат, а тоа ќе биде Трамп на претстојните избори.
Претседателските избори се закажани за 5 ноември, а на нив ќе се соочат Трамп и демократската кандидатка Камала Харис во многу неизвесна трка. Затоа обидот за промена на регулативата во Небраска е во фокусот на интересот на целата американска јавност.
За да победи, претседателскиот кандидат мора да освои 270 гласови од вкупно 538 гласови на американските електори.