Албанскиот премиер Еди Рама, во својот говор на почетокот на Самитот Украина – Југоисточна Европа во Тирана, ја истакна потребата да се поддржи Украина и да се запре руската агресија.
– Гледам тука познати лица. Се собравме да разговараме за нашите предизвици, да гледаме напред наместо да гледаме наназад во историјата на поделбите што не држеа како заложници. Иднината што ја гледаме е заедничка иднина. Истата надеж што не собра сега не обединува со украинскиот народ. Тука сме да изразиме поддршка за Украина, за вас, господине претседателе, и да бараме Русија да престане. Ние стоиме на страна на Украина, која е нападната, изјави Рама, пренесува МИА.
Тој додаде дека „животот на Украина како слободен народ зависи од финансиската поддршка што ја даваме“.
– Единствениот избор што го имаме е да се спротивставиме колективно. Правиме сè што можеме за да не дозволиме агресијата да биде наградена. Не смееме да дозволиме Русија да победи. Нашиот заеднички сон за просперитетен мир ќе биде доведен на работ на темна иднина. Оваа борба е и за нашата слобода и достоинство. Албанија направи што можеше и ќе продолжи да го прави тоа. Решени сме да останеме покрај Украина. За малите народи како нас, кои не треба да се претворат во храна за Русија, треба да се поддржи Украина, порачал Рама.
Како коорганизатор на самитот Зеленски во обраќањето искажа голема благодарност и предложил да се формира посебен форум за „одбранбена индустрија меѓу неговата земја и Балканот“
Според него Украина и балканските земји заслужуваат да бидат дел од европската и евроатлантската заедница.
– Прво, ние веруваме дека секоја принципиелна нација во Европа заслужува целосна интеграција. Украина ви е многу благодарна за поддршката што ни ја давате за нашата интеграција. Второ, благодарен сум на сите народи и држави за формулата на мирот. Предноста е што секоја точка од овој договор може да се реши. Секој може да придонесе за мир. Затоа, ве повикувам да учествувате на Самитот за мир што ќе се одржи во Швајцарија. Второ, кога нациите соработуваат, сите се овластени, поради што сме горди што соработуваме на различни полиња. Гледаме снабдување со муниција, затоа предлагаме да се организира заеднички форум за областа на одбраната. Ви благодарам за добрата работа што е направена за Украина и Кијив, наведе Зеленски.