Опкружени со бројни безбедносни сили, двајцата премиери на Албанија, Еди Рама и на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, пристигнаа во Украина на средба со претседателот Володимир Зеленски. Рама и Абазовиќ го посетија градот Бородинка кај Киев. Црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, рече дека мирот нема цена. Тој рече дека имал можност да ги посети градовите разурнати од војна и да биде сведок на голема хуманитарна катастрофа.

Advertisements

„Трагично е тоа што го видовме и слушнавме, инфраструктурата е уништена, а заклучокот е едноставен – треба да се гордееме со граѓаните на Црна Гора кои избраа мир. Мирот нема цена, мирот е сè што ни треба. И покрај сите дилеми и сомнежи што ги имаме во општеството, најважен е мирот, ова е најважната претпоставка за сè, “ Дритан Абазовиќ, премиер на Црна Гора

Абазовиќ и Рама се првите лидери на земјите од Западен Балкан кои официјално ја посетија Украина, која се соочува со воена агресија од страна на Руската Федерација. Македонскиот премиер Димитар Ковачевски, не им се придружи на Рама и Абазовиќ во посетата на Киев, поради набиена агенда.

Во меѓувреме во регионот на Донбас, ситуацијата станува се посериозна секој ден. Украинската единица за специјални операции постави противтенковски мини во регионот Доњецк, за да го спречи напредувањето на руските војници. Битката кај Донбас може да го диктира текот на војната.

„Ја минираме земјата за да го спречиме непријателот да напредува на нашата територија. Колку повеќе правиме, толку потешко ќе му биде на непријателот да напредува до нашите момчиња кои ја бранат линијата на фронтот во рововите. Правиме сè за нашите момчиња да страдаат помалку од непријателските сили, “ рече еден украински војник.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, ја повтори итноста за набавка на ракетни одбранбени системи, наведувајќи ги неодамнешните руски напади во Западна Украина.

Денес имаше ракетни напади во регионите Лавов и Тернопил. И ние продолжуваме да им кажуваме на нашите партнери дека на Украина и требаат модерни системи за ракетна одбрана. Нашата земја сè уште ги нема доволно,“ рече Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Во говорот во чешкиот парламент, украинскиот претседател Зеленски ги повтори повиците до ЕУ, да и дозволи на Украина да го започне патот кон членство со доделување на кандидатски статус.

Шкелзен Аќифи