Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека одбивањето на европските земји да се потпираат на руските енергетски ресурси сериозно ја поткопа конкурентноста на нивните економии и доведе до пад на индустриското производство и пораст на цените низ целиот континент.
Зборувајќи на пленарната сесија на Руската недела на енергија во Москва, Путин истакна дека постапките на западните политички елити „ја уништија глобалната енергетска инфраструктура“, нагласувајќи дека политичкиот притисок довел до ирационални одлуки во ЕУ, според западните медиуми.
„Многу европски земји, под политички притисок, одбија да купуваат руски енергетски производи. Веќе неколку пати предупредив за последиците – не за Русија, туку за самите тие земји. Гледаме пад на индустриската активност и пораст на цените поради поскапата нафта и гас од странство“, рече Путин.
Тој додаде дека, по забраната за соработка со Русија, западните компании почнаа да ја губат својата технолошка предност и да го намалуваат производството, додека руските експерти станаа „технолошки лидери“ на пазарот.
„Што направија? Купија билет и не патуваа – само за да се налутат на кондуктерот. Каква глупост.
Нашиот енергетски систем е еден од најголемите во светот. Овој огромен комплекс работи сигурно и ефикасно“, заклучи претседателот на Русија.
Текстот Путин до Западот: Купија билет и не патуваа, само за да се налутат на кондуктерот: рускиот енергетски систем работи беспрекорно е превземен од МАКФАКС.