Професорот Дејан Трајковски, кој преку неговите математичко статистички анализи објавува свое видување за брановите на Ковид-19, смета дека три недели по започнувањето на второто полугодие во училиштата, апсолвиран е порастот на преносливоста на заразата и се враќаме на патот на нормализација.
Продолжуваме со експоненцијално намалување, како што предвидува експоненцијалната регресија на третиот дијаграм. Факторите на растот на дневните броеви, прикажани на четвртиот дијаграм, се на рекордно ниско ниво, така што во претстојниот период би требало да продолжиме со ова темпо, објавува тој.
Според професорот, останува проблемот со новите потсоеви и соеви, иако времето е прекратко од последниот бран за за почеток на нов, позначителен бран.
Голем дел од популацијата има скоро прележано, но што е уште поважно – има по втор пат прележано, што дава подолготраен имунитет од заразување. Нов бран не би требало да се појави порано од 5 месеци по избувнувањето на моменталниот бран, но тоа би дошло во јуни, што се совпаѓа со почетокот на летото, така што растот на бројките не би требало да биде многу голем.
Со толку голем број на заразени од Омикрон сојот во светот, шансите за појава на нови опасни соеви на вирусот се сé уште прилично високи, па сé уште не е дојдено времето за целосно релаксирање и заборавање на превентивните мерки. Додуша, кај нас речиси и не се применуваат, така што дури формално целосно да се укинат, нема да се забележи некаква голема промена. Превисоката одвишна смртност, според која сме на второто, а можеби и првото место на светот, зависно од фактичкиот број на жители во државата, кажува дека ќе бидеме можеби првата земја во светот која ќе достигне колективен имунитет – под услов во меѓувреме да не се појави некаков нов сој којшто ќе го заобиколи тој имунитет, објаснува проф. Трајковски.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.