Публикацијата „Циклус цртежи Мариово 1936 од Борко Лазески“ ќе биде промовирана во НУ Музеј на македонската борба за самостојност во вторник, 24 декември, со почеток во 12 часот.

Изданието содржи цртежи кои Лазески ги создава во 1936 година, инспириран од неповторливиот пејзаж, традиција и култура на Мариово. Публикацијата вклучува репродукции на цртежите, критички текстови и историски осврти коишто ја доловуваат вредноста на овие дела како и културно-историскиот контекст во кој се создадени. На промоцијата ќе бидат изложени дел од оригиналните записи на Лазески, што ќе ѝ овозможи на публиката автентично доживување на неговото уметничко наследство.

Промоцијата се организира во соработка со Здружението ИКОН, а на присутните ќе им се обратат Росица Лазеска и в.д. директорката на Музејот на македонската борба за самостојност, Анче Илиевска.

Изданието е поддржано од Годишната програма за национален интерес на Министерството за култура.

Текстот Промоција на публикацијата „Циклус цртежи Мариово 1936 од Борко Лазески“ е превземен од МАКФАКС.