Технолошката компанија „Ноби“ од Антверпен произведе светилка која користи вештачка интелигенција за да сигнализира кога постаро лице паднало и да вклучи аларм за итен повик доколку е потребно, објави порталот „Фокус на Белгија“.
Светилката е првенствено наменета за старечки домови и е важна особено навечер кога има помалку персонал во домовите.
Паметната светилка сигнализира пад на човек, но и активира аларм во кој лицето се прашува дали е неопходно да се повика персоналот за помош.
Откривањето пад и комуникацијата се главните задачи на паметната светилка, но концептот има и други предности. Во мирување е 24 часа на ден, дискретно се вклопува во таванот, не поднесува љубопитни погледи и ја почитува приватноста, лесно се поставува и постојано ја мери температурата на околината и квалитетот на воздухот.
Во еден дом за стари лица се инсталирани како тест светилки, а досега резултатите покажаа дека светилката е многу корисна и за персоналот и за корисниците на домот, наведува белгискиот портал.
„Фокус на Белгија“ додаде дека новиот изум е вреден бидејќи, според Светската здравствена организација, секој трет човек на возраст над 65 години паѓа најмалку еднаш годишно, додека 66 отсто од тие луѓе добиваат сериозни повреди при паѓање.