Проектот за долгометражен анимиран филм „Златната пеперутка“, базиран на ликовите од популарната анимирана серија „Светот на Биби“, го освои престижното признание MIA Development Award for Outstanding Animation Project на филмскиот и телевизискиот маркет MIA Market 2025 во Рим, кој се одржа од 6 до 10 октомври.
Наградата, во вредност од 5.000 евра, беше доделена на 10 октомври во силна меѓународна конкуренција, од страна на стручно жири составено од истакнати професионалци од европската и светската анимациска сцена. Ова признание претставува значаен успех за македонската анимација и потврда за креативниот потенцијал на домашните автори и студија.
Во образложението на жирито се наведува:
„Наградата МИА за развој на најдобар анимациски проект ја добива Златната Пеперутка на Гоце Цветановски, затоа што ја прикажува моќта на оригиналните брендови како „Светот на Биби“ да донесат свежи, регионално инспирирани приказни на светската анимациска сцена преку различни формати, и како охрабрување за понатамошен развој на визуелниот и анимацискиот стил.“
MIA Market претставува еден од водечките европски настани за филм, телевизија, анимација и документаристика, со повеќе од 2.800 акредитирани професионалци од 64 земји. Годинава, во рамките на 11. издание, беа пријавени над 500 проекти, од кои по околу 15 беа селектирани во секоја од четирите категории: Анимација, Филм, Драма и Документарен филм. Во категоријата Анимација учествуваа седум долгометражни филмови и девет серии.
Листата на наградени проекти беше објавена во повеќе меѓународни медиуми, меѓу кои Variety, Deadline, Prensario International и Cinemaitaliano.info.
„Ова е голем чекор и признание не само за нашиот проект, туку и за целата нова македонска анимациска сцена,“ изјави Гоце Цветановски, режисер и сценарист на „Златната пеперутка“, при примањето на наградата.
За филмот „Златната пеперутка“
„Златната пеперутка“ е еколошка авантура за целото семејство. Биби, Боби, Зази, Зина и роботчето Р-1 патуваат во Колумбија кај нивниот пријател Пепе и неговото милениче, морското прасе Пико. Веселата дружина тргнува во потрага по ретката и мистериозна златна пеперутка, за која Пепе тврди дека ја видел во Амазонската прашума. Нивната мисија ќе ги однесе до легендарниот златен град Ел Дорадо, каде ќе се соочат со бројни предизвици и ќе мора да ги здружат своите сили за да ги совладаат темните сили што демнат во џунглата.
Сценариото го потпишуваат Бруно Велјановски и Гоце Цветановски, режијата е на Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а илустрациите за презентацијата ги изработи Иванчо Николовски.
Македонски продуценти се Македонска Крепост, Светот на Биби и Toon Motions Studio, во копродукција со Blurr Studios (Аргентина), Blurr Rojo (Шпанија), The G Seven (Колумбија) и Technoscop Films (Бразил).
Текстот Признание од Европа за македонската анимација – „Златната пеперутка“ со Биби и Боби триумфира на MIA Market е превземен од МАКФАКС.