Палестинскиот претседател, Махмуд Абас, изјави дека признавањето на палестинската држава од страна на Западот е чекор кон „праведен и траен мир“, додека во исто време двајца израелски министри предложија анексијата на Западниот Брег како одговор на признавањето на палестинската држава од страна на западните земји.
– Претседателот на Палестина, Махмуд Абас, го поздравува фактот што Обединетото Кралство објави признавање на независна палестинска држава, нагласувајќи дека тоа е важен и неопходен чекор кон постигнување праведен и траен мир – се наведува во соопштението на палестинското претседателство.
Абас истакна дека фактот што овие земји го признаа правото на палестинскиот народ на самоопределување, слобода и независност ќе го отвори патот за спроведување на решението за две држави, дозволувајќи ѝ на палестинската држава да живее покрај Државата Израел во безбедност, мир и хармонија.
Крајнодесничарските израелски министри Итамар Бен Гвир и Безалел Смотрих денес повикаа на анексија на Западниот Брег како одговор на признавањето на палестинската држава од страна на Австралија, Велика Британија и Канада.
– Признавањето на палестинската држава од страна на Велика Британија, Канада и Австралија бара итен одговор: итна анексија на Јудеја и Самарија- изјави министерот за национална безбедност Итамар Бен Гвир. Тој, исто така, повика на целосно укинување на Палестинската самоуправа.
И лидерот на израелската опозиција, Јаир Лапид, ја осуди одлуката на Велика Британија, Австралија и Канада да ја признаат палестинската држава, нарекувајќи ја „дипломатска катастрофа“.
– Тоа е лош потег и награда за тероризам. Функционална израелска влада можеше да го спречи ова – преку паметна и сериозна работа, професионален дипломатски дијалог, соодветно претставување – смета Лапид.
Лапид, чија партија Јеш Атид припаѓа на политичкиот центар, ја обвини десничарската влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху дека стои зад безбедносната катастрофа и дипломатската криза.
– Владата што ни ја донесе најлошата безбедносна катастрофа во историјата на земјата сега ја носи и најлошата дипломатска криза досега – напиша тој, алудирајќи на нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, кога милитантите убија околу 1.200 луѓе и киднапираа уште 250.
Израелското Министерство за надворешни работи денес соопшти дека Израел категорично ја отфрла одлуката на Велика Британија и другите земји да ја признаат државата Палестина.
– Официјалната декларација за признавање од страна на Велика Британија, Канада и Австралија дополнително го дестабилизира регионот и ги поткопува перспективите за постигнување мирно решение во иднина. Наместо тоа, ако земјите што ја потпишаа оваа декларација навистина сакаат да го стабилизираат регионот, треба да се фокусираат на вршење притисок врз Хамас да ги ослободи заложниците и веднаш да се разоружа – објави Министерството на платформата X, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Велика Британија, Канада и Австралија денес официјално ја признаа државата Палестина.
Палестина моментално е признаена од околу 75 проценти од 193-те земји-членки на ОН , но нема меѓународно договорени граници, главен град или армија.
Од ноември 2012 година, таа има статус на држава набљудувач, која не е членка на Генералното собрание на Обединетите нации.
Текстот Признавањето на Палестина предизвика жестоки реакции во Израел е превземен од МАКФАКС.