Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека има неколку опции за кои се разговара во однос на спроведувањето на регулативата на Централната банка на Косово, која предвидува плаќањата во готовина и платните трансакции да се одвиваат исклучиво во евра.
Таа пред новинарите изјави дека очекува за два дена да се постигне договор за имплементација на оваа регулатива, која треба да стапи на сила во четврток, на 1 февруари.
Регулативата на Централната банка на Косово во пракса значи дека е забранета употребата на динарот – официјалната валута на Србија, што го отвора прашањето за исплата на приходите на Србите во Косово од српскиот буџет.
Досега динарот се користеше во сите српски заедници, а припадниците на српската заедница сега остро се противат на неговото укинување.
Во меѓувреме, Меѓународната заедница побара од Косово да го одложи спроведувањето на одлуката, но Владата во Приштина остана на ставот дека одлуката е во согласност со Уставот на Косово.