Светската кошаркарска федерација ги утврди и последните детали поврзани со претстојните претквалификациски турнири кои водат кон учество на Летните олимписки игри во Париз во 2024 година.
Еден од нив ќе се одржи во Талин, а дел од турнирот во главниот град на Естонија е и најсилната македонска машка селекција. Првиот меч на турнирот во Талин, Македонија ќе го одигра на 12 август, противник ни е селекцијата на Израел, а таа средба во „Тондираба Ајс“ арената е закажан за 19:00 часот.
Еден ден подоцна, на 13 август, во исто време, од 19:00 часот, нашите најдобри кошаркари ќе играат против селекцијата-домаќин, Естонија. По еден ден пауза, поточно на 15 август, од 16:00 часот, следува и дуелот против репрезентацијата на Чешка, по што ќе го имаме конечниот изглед на табелата во оваа А група од претквалификациите.
Првопласираните две репрезентации од собирот во Талин, ќе продолжат за Полска, поточно ќе се пресели во Гљивице, каде ќе се одигра и оној завршен дел од овие евро-претквалификации за Олимписките игри. Победникот на овие квалификации ќе биде и учесник на Олимпијадата во Париз.