90% од возрасните лица внесуваат повеќе сол од што им е потребно и со тоа го зголемуваат ризикот од кардиоваскуларни болести, бубрежни нарушувања, а со тоа и од дијабет.
Статистиките во однос на заболувањата од дијабет се сè позагрижувачки. Бројот на заболени секојдневно расте, во светски рамки, но и кај нас во Македонија. Пред сѐ ова се должи на лошите животни навики, стресот, начинот на исхраната и физичката неактивност, факти поткрепени од СЗО и други здравствени организации.
Но, кога станува збор за исхраната, тука проблемот е посложен. Повеќето од нас купуваат процесирани производи, подготвени за долготрајно чување и „збогатени“ со адитиви, едвај читливи. Сепак мора да ги прочитате за да знаете што купувате и дали одредени состојки штетно влијаат на вашето здравје, особено при нивна почеста употреба. Една од нив е и солта!
Солта ни е неопходна, но во ограничени количества!
Основна состојка на солта е натриумот. Организмот на човекот има потреба од мали количиства на натриум, бидејќи е значаен за пренесување на нервните импулси, за контракциите и релаксирањето на мускулите, како и за одржување на правилен баланс на вода и минерални материи во организмот. Дополнително, солта е јодирана, односно има солидни количества од неопходниот минерал за нашето здравје – јодот.
Според Светската здравствена организација препорачан дневен внес на сол изнесува до 4g. Но, со денешниот вообичаен начин на исхрана, невнесувањето на повеќе од 4g сол преку исхраната, претставува вистински предизвик. Според одредени истражувања на американскиот CDC, дури 90% од возрасните лица внесуваат повеќе сол од што им е потребно.
Кога натриумот е внесен преку исхраната во доста поголеми количини, може да создаде проблеми како што се покачен или висок притисок, заболувања на срцето и срцев удар. Исто така, може да предизвика губење на калциумот, кој најчесто се губи од коските со што доаѓа до зголемен ризик од различни заболувања на коските.
Каква е релацијата помеѓу дијабетот и солта?
Претерувањето со солта иако не води директно кон дијабет, сепак индиректно влијае и тоа преку:
1. Зголемен ризик од кардиоваскуларни болести
Натриумот е одговорен за контролирањето на балансот на течности во организмот, што е многу важно и за регулацијата на крвниот волумен и притисок. Претерувањето со солта води кон флуидна ретенција (задржување на течностите во организмот), што неминовно го покачува крвниот притисок, а високиот крвен притисок е директно поврзан со зголемениот ризик од повеќето кардиоваскуларни болести.
Лицата со дијабет имаат значително поголем ризик од срцеви болести, во споредба со здравите лица. Одредени истражувања велат дека лицата со дијабет, имаат дури 4 пати поголем ризик од смртност од некаква кардиоваскуларна болест, во однос на лицата кои го немаат ова заболување. Ова е случај, бидејќи пациентите со дијабет тип 2 најчесто имаат барем еден од следните здравствени проблеми: метаболeн синдром, обесност, покачен крвен притисок, нарушен липиден статус (покачени триглицериди и холестерол), физичка неактивност и слично. Овие силни ризик-фактори за дијабет, во исто време се поеднакво силни и во однос на зголемувањето на опасноста од срцеви заболувања.
Така, кај лицата што страдаат од дијабет, самото постоење на дијагнозата веќе претставува проблем. Заради овие причини, тие треба да бидат посебно внимателни, односно максимално да ги избегнуваат другите ризик-фактори за срцеви болести, особено оние кои можат полесно да бидат контролирани, помеѓу кои и консумирањето на солта.
2. Зголемен ризик од компликации со стапалата
Зголемениот притисок поттикнат од прекумерната употреба на солта, може да води кон отоци на стапалата. Секоја повреда на овој дел од телото претставува сериозна опасност за лицата со дијабет.
3. Зголемен ризик од бубрежни нарушувања
Дијабетот е всушност една од најчестите причини за бубрежните болести. Речиси ¼ од дијабетичарите развиваат некакви бубрежни заболувања.
Дијабетот подразбира покачени нивоа на глукоза во крвта кои помеѓу останатото можат да предизвикаат одредени оштетувања во крвните садови на бубрезите. Таквите оштетувања ги спречуваат крвните садови во вршењето на својата задача, па бубрежните ткива остануваат без крв и неопходни нутриенти, што значи на подолг рок и тие се оштетуваат.
Оттука, можеме да заклучиме дека ако постојат дилеми околу тоа дали здравите лица треба строго да го контролираат внесот на солта и околу тоа која е точната строга граница на максимален внес на солта, можеме да кажеме дека кај заболените од дијабет ситуацијата е ,,почиста”. Тие дефинитивно треба посериозно да ја сфатат потребата од контролиран внес на солта.
Како да го намалиме внесот на сол во организмот?
Наједноставниот совет од кој можете да почнете е: Почесто јадете храна која самите ќе ја подготвувате дома и максимално избегнувајте процесирани прехранбени производи.
Истражувањата покажуваат дека огромниот процент од прекумерно внесена сол најчесто доаѓа од јадењето ,,купечка” односно храна од маркетите, а не од честото употребување на домашниот соларник.
Ова не значи дека не треба да внимавате и на соларникот! Внесувајте од половина, до максимум лажичка сол дневно (тоа е веќе над 5g!).
Солта е силен појачувач на вкус, па затоа честото и пообемно користење на различните зачини (исто така појачувачи на вкусот) кои најчесто се и доста здрави, може да води кон драстично намалена потреба од сол!
За да ги искористите бенефитите на јодот од солта, односно тој да не испари или да не сублимира, не купувајте премногу сол која ќе ја складирате и додавајте од солта при крајот на готвењето, а не на почетокот.
Дополнително, исто така многу битен аспект од контролирањето на внесот на солта е и препознавањето на храната со т.н. скриена сол.
Дури до 80% од солта која ја внесуваме е скриена во секојдневните производи. Добри примери за прехранбени производи со скриена сол се:
- Лебот – една резенка содржи и до 0,5 g сол. Тоа би значело дека само со неколку парчиња леб, внесуваме доволно сол за целиот ден!
- Најразлични видови сирења, но и млечни производи.
- Каков било вид на храна во конзерва.
- Кисели краставички.
- Месни производи.
- Различни сосови.
- Брза храна.
- Замрзнати оброци.
- Пици
- Сендвичи
- Лиснати теста
- Гранола мусли и колачиња.
- Саламурени производи.
Превенцијата е најдобриот лек, затоа внимавајте на состојките во исхраната – “храната може да биде лек, но и отров“.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.