Првите бегалци од Украина денеска по копнен пат и железница пристигнаа во Полска, членка на Европската унија, пренесува Бета.
Редовен воз од Харков во источна Украина попладнево пристигна со неколку стотини патници во полскиот град Пшемишл, во близина на западната граница на Украина. Патниците од сите возрасти, со работи спакувани во торби и ранци, рекоа дека бегаат од војната. Дел од бегалците и пеш ја минуваа украинско-полската граница.
Полската гранична стража соопшти дека има видливо зголемување на бројот на луѓе кои сакаат да преминат во Полска.
Официјални лица рекоа дека Полска подготвила најмалку осум прифатни центри. Тие ќе обезбедуваат храна, медицинска помош и информации за бегалците.