Пишува: Амб. ЛАРИСА ДИР
Вонредна и Ополномоштена Амбасадорка на Украина во Република Северна Македонија
На 14 мај, Украина го почитува споменот на Украинците кои ги спасуваа Евреите за време на Холокаустот во времето на Втората светска војна.
Спасители на Евреите биле Полјаците, Холанѓаните, Французите, Украинците, како и Кримските Татари, Ерменците, Грците, Германците, претставници на различни религиозни деноминации. Овие луѓе покажаа хуманост и покрај тоа што за давање помош на Евреите, смртната казна им се закануваше не само на самите спасители, туку и на нивните деца, членови на нивните семејства.
На 2.679 Украинци им беше доделена титулата „Праведници меѓу народите“. Оваа титула ја доделува специјална комисија при „Јад Вашем“, во согласност со Законот за овековечување на споменот на мачениците и хероите, усвоен од Кнесетот на државата Израел.
При разгледувањето на предлозите од еврејските организации за доделување на титулата „Праведник меѓу народите“, Комисијата при „Јад Вашем“ го зема предвид фактот дека помошта што им била дадена на Евреите морала да биде без корист, долготрајна и значајна, а лицето кое ги криело Евреите било подложно на реална опасност по неговиот живот или животот на неговото семејство.
Според бројот на Праведници меѓу народите, Украина е на четвртото место по Полска, Холандија и Франција.
Се разбира, бројот на луѓе кои спасуваа Евреи за време на Холокаустот во времето на Втората светска војна е многу поголем.
Најпознати Украинци кои спасуваа Евреи се затвореникот на „Мајданек“, Блажениот Свештеномаченик о. Омелијан Ковч, Блажениот Свештеномаченик Климентиј Шептицки, Митрополитот Андреј Шептицки.
Во услови на војна, нечовечко постапување, мачење и заплашување, имаше луѓе со неверојатна сила на духот кои свесно ги жртвуваа своите животи и му помагаа на својот ближен.
Денес, режимот на кремљ, откако започна агресивна војна против Украина, има намера да ги уништи Украинците. државата-терорист рф користи различни форми на геноцид: убиства, тортура, киднапирање, присилна депортација на деца, лишување од слобода, силување, егзекуција на цели семејства, уништување населени места, лишување од човечки пристап до основните потреби, создавање услови кои се дизајнирани за уништување на луѓето.
Своевидни Праведници за Украина денес се оние кои ја поддржуваат Украина – со хуманитарна помош, оружје за одбрана од руската агресија, помош за враќање на децата, воените заробеници, цивилите незаконски заробени од рф.