Лидерите на Европската унија на дводневниот самит што почнува денеска во Брисел ќе разговараат за руската воена агресија врз Украина, безбедноста и одбраната, енергијата, економските прашања, за ковид-19 и надворешните односи. Американскиот претседател Џо Бајден ќе им се придружи на лидерите на ЕУ во текот на првиот ден од Европскиот совет на дискусија за поддршката за Украина и нејзиниот народ и за зајакнување на трансатлантската соработка како одговор на агресијата на Русија.
ЕУ останува посветена на Украина и нејзиниот народ и работи на обезбедување координирана политичка, финансиска, материјална и хуманитарна поддршка, како и поддршка за реконструкција на демократска Украина. Европскиот совет ќе разговара за безбедноста и одбраната, земајќи ја предвид новата безбедносна ситуација во Европа. Во овој контекст, лидерите на ЕУ ќе разговараат за тоа како да ѝ се овозможи на ЕУ да дејствува побрзо и поодлучно кога се соочува со кризи, а истовремено да ги обезбедува своите интереси и да ги штити граѓаните. Тие, исто така, ќе разговараат за одбранбените инвестиции и инструментите за финансирање.