Спасувачките тимови утринава се вратија на реката Потомак во Вашингтон, трагајќи по телата на жртвите од судирот на воен хеликоптер и авион, кој беше најсмртоносната воздушна катастрофа во САД од 2001 година.
Властите досега пронајдоа и идентификуваа 55 од 67-те луѓе кои загинаа, а шефот на противпожарната и итната служба во Вашингтон, Џон Донели, вели дека се уверени дека сите ќе бидат пронајдени, пренесе Гласот на Америка.
Во секој момент, повеќе од 300 спасувачи учествуваат во потрагата по реката, соопштија властите. Екипите во текот на денот ќе започнат со работа на отстранување на остатоците од водата, со помош на веќе поставен кран. За подигање на тешките урнатини беа распоредени и два брода на морнарицата.
D.C. PLANE CRASH: Salvage crews have removed a large portion of a commercial jet from the Potomac River near Reagan National Airport after a midair collision last week that killed 67 people. https://t.co/4O0f6oXPOK
— WTOP (@WTOP) February 3, 2025
Нуркачите и спасувачите ги следат строгите протоколи и ќе престанат да поместуваат делови од авионот и хеликоптерот доколку се најде тело, изјави во неделата полковникот Френсис Б. Пера од Армискиот инженерски корпус.
„Достоинственото враќање на посмртните останки има предност пред се друго“, рече тој.
Деловите од авионот ќе бидат натоварени во камиони кои ќе ги однесат во хангари, каде што ќе продолжи истрагата. Во неделата, семејствата на жртвите го посетија местото на падот на авионот и хеликоптерот, на брегот на реката Потомак во близина на националниот аеродром Роналд Реган.
Федералните истражители се обидуваат да утврдат како се случила несреќата, а Националниот одбор за безбедност на транспортот соопшти дека прелиминарните податоци покажале различни височини за авионот и хеликоптерот.
Текстот Почна извлекувањето на остатоците од авионот од реката Потомак: пронајдени 55 од 67 тела е превземен од МАКФАКС.