Претседателот на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, Д-р Игор Николов на денешната трибина на тема „Состојбите во здравството“ упати критики до власта за стопирањето на готовиот проект „Клинички центар – Мајка Тереза“ кој би бил од огромна важност, за да се оди на друг имагинарен проект „Веле Поле“ кој не е изводлив.
Едно е јасно. Изминативе 5 години се пропушти да се продолжи проектот „Клинички центар – Мајка Тереза кој што беше готов. Се застана и се прекина за еден друг проект кој што беше имагинарен, а тоа е проектот „Клинички центар – Веле поле“ кој по мене и по нас како здравствена комисија и политичка партија, проектот „Веле поле“ е неизводлива работа и може да се прогласи за мртов. Втора работа. Петте години кои поминаа покажаа дека доколку имавме зграда и имавме Клинички центар – Мајка Тереза поедноставно ќе се спротиставевме на пандемијата која што не нападна последните три години. Немаше да имаме толку жртви колку што имавме и системот подобро ќе одговореше на сите предизвици коишто произлегоа, истакна Николов.
Освен ова тој додаде дека голем пропуст е и тоа што во изминативе 5 години комплетно беа укинати обуките и едукациите на луѓето кои што се испраќаа во странство.
Во овој изминат период се прекинаа обуките и едукациите на луѓето кои што се испраќаа во странство. Последните 5 години ниту еден доктор, лекар или медицинска сестра не беше испратен на обука. Опозицијата во континуитет апелираше и бараше да се поканат странски експерти да дојдат и да ни помогнат во справувањето со КОВИД-19 пандемијата, но сето тоа беше ставено на игнор. Понатаму, цело време сугериравме мерки кои требаше да бидат преземени, проактивно учествувавме со давање сугестии како тоа да се менаџира и регулира, но не беше спроведено, рече Николов.
Според Николов ваквите пропусти кои беа направени во изминатите години го доведоа здравството здравството во ситуација да нема доволен број на обучен кадар и да нема континуитет во зајакнувањето на здравствениот систем.
Резултатите на ова што го живееме денеска е недоволен број на обучен кадар заради тоа што немаше континуитет во обуката, немавме континуитет во зајакнување на здравствениот систем, а тоа е градбата на клинички центар. Е сега, овие два континуитета се прекинаа од 2017 година и заради тоа очекувано одговорот и коментарите од Европската комисија се такви какви што се. Пристапноста и достапноста на здравствените услуги за општата популација паднаа, се намалија и од таму доаѓа тој коментар, подвлече Николов.
Тој исто додаде дека во менаџирањето на пандемијата здравствените власти не успаа да го исконтролираат ниту начинот на работење на приватните здравствени болници за каде имаше граѓани кои мораа унапред да платат огромни суми на пари за да добијат здравствена нега.
Сами бевме сите сведоци дека во период на КОВИД-19 имаше пациенти кои што мораше унапред да платат 12 илјади евра за да добијат здравствена нега во приватна здравствена институција, а тоа во период на прогласена здравствена криза и пандемија мораше да се спречи, да се корегира и да се контролира, потенцираше Николов.
За разлика од Македонија земјите од соседството поефикасно се справуваа со оваа проблематика со тоа што во време на здравствена криза приватните болници беа обврзани дел од своите капацитети да ги стават на располагање на јавното здравство.
Во соседството приватните болници беа обврзани секој четврти ковид пациент, зборувам за пандемијата, да им биде на сметка на другите дијагнози кои што ги третираат. Со самото тоа, во состојба на здравствена криза, една четвртина од капацитетите беа ставени во служба на јавното здравство, а тоа кај нас не се успеа да се направи. Се направи некаков обид, се понудија некакви капацитети, но јавното здравство не најде сила да ги искористи тие капацитети, рече Николов.
Тој како огромен пропуст го посочи и недостатокот на унифицирани протоколи за лекување на пациентите заразени со КОВИД-19.
„Сведоци сме дека до скоро ги немавме ни протоколите за третман на пациенти со ковид. Македонија беше единствена земја каде што државна тајна беа протоколите. Една институција лекуваше на еден начин, друга институција на друг начин и тоа е причината за тоа што не снајде ова што не снајде, додаде Николов.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.