Во Австрија, по долги и тешки преговори, поради големиот број новозаразени, од полноќ е вратена обврската за носење маски во затворени простории.

Откако австриската Влада на 5 март ги укина речиси сите епидемиски мерки, со исклучок на Виена, која ги задржа рестриктивните мерки, дојде до драматичен пораст на бројот на новозаразени, што ги принуди властите да ги вратат мерките.

Новите мерки стапија на сила на полноќ, со еден ден задоцнување и предвидуваат обврска за носење на маската ФФП2 во сите затворени простори.

Од оваа обврска се ослободени само приватните простори за живеење, рестораните, како и на пробите или уметничките претстави.

Уредбата, исто така, предвидува дека маските не мора да се носат на собири во затворени простории каде што има до 100 луѓе, но за собири со повеќе од 100 присутни, како што се кино, театар, опера, важи обврската за носење маски ФФП2.

На собири со повеќе од 100 луѓе без специфични седишта, како забави или свадби, организаторот може да го спроведе „3Г“ правилото, односно да се провери дали гостите имаат потврда за вакцинација, потврда за прележан ковид или негативен тест, наместо обврска за носење маски.

Сопственикот на угостителскиот објект може да избере дали ќе го примени правилото „3Г“ или ќе побара од гостите да носат маски.

Обврската за носење маски ќе биде на сила до 16 април.