Германската федерална асоцијација за шпедиција и логистика (DSLV) предупредува на можните последици од воведувањето задолжителна вакцинација. Генералниот директор на здружението, Франк Хастер, рече дека тоа на крајот може да доведе до запирање на илјадници странски возачи на германската граница, бидејќи ќе им биде забранет влезот во земјата. Имено, возачите кои доаѓаат од земји надвор од ЕУ често се вакцинираат, ако воопшто се вакцинираат, со некоја од вакцините како Спутник, или вакцина која не е призната во Европската Унија.

Во секој случај, во моментов нема доволно возачи. Затоа, Хастер прашува дали на овие возачи може да им се понуди вакцина во Германија? Тој наведува дека претставниците на превозниците во моментов разговараат со надлежното министерство и посочува: „Отворените прашања мора да се решат пред да се воведе задолжителната вакцинација“.

DSLV не се противи експлицитно на воведувањето задолжителна вакцинација, „но постои голема загриженост дека би можеле да изгубиме дополнителен број возачи“, пренесе Дојче веле.

Премалку возачи и во Германија

Според статистичките податоци на Алијансата за транспорт на стоки и логистика (BGL), во индустријата недостасуваат меѓу 60.000 и 80.000 возачи на камиони, а тој број се зголемува за 15.000 годишно. Според Дирк Енгелхард, портпарол на одборот на професионалното здружение, недостигот на кадар не е можно да се надополни со регрутирање на возачи во источниот дел на Европската унија, бидејќи и таму недостасуваат десетици илјади возачи. Се проценува дека бројни возачи се одлучуваат за подобро платени работни места во индустријата, каде што е полесно да се усогласат работата и семејниот живот.

Прикажи повеќе