Претседателот на Полска, Анджеј Дуда, изјави дека Европската Унија не може да одлучува за полското правосудство, бидејќи Полска не му ги префрлила тие надлежности на Брисел кога се приклучи на Унијата во 2004 година.
Тој зборуваше по повод новата казна од еден милион евра дневно од Судот на правдата на ЕУ, бидејќи властите не ја спречија контроверзната одлука за дисциплинирање на полските судии.
„Онаму каде што се договоривме да се префрли како надлежност на ЕУ, ЕУ може да одлучува за нашите прашања. Меѓутоа, во областите каде што немаме делегирани надлежности, самите одлучуваме за овие прашања“, изјави претседателот Дуда во интервју за државната полска телевизија ТВП по повод драконската казна.
Ова е втора одлука на Судот на правдата на ЕУ што полската Влада на чие чело е конзервативната партија Право и правда реши да ја игнорира, откако претходно не ја спроведе времената мерка за прекин на експлоатацијата на лигнит во рудникот Туров додека не се договорат еколошките последици од проширувањето на тој рудник со соседна Чешка.
Судот на ЕУ во Луксембург вчера го одобри барањето на Европската комисија да ја казни Полска затоа што таа ги игнорираше привремените мерки на судот и пресудата од средината на јули, која им наложи на полските власти да го замрзнат казнувањето на судиите според реформираниот полски врховен судски систем, пред сѐ работата на Дисциплинската комисија.