Полска и нејзините сојузници ги активираа своите авиони поради активност на руската авијација со долг дострел, соопшти оперативната команда на полските вооружени сили.
„Ве известуваме дека во тек е интензивната активност на авијацијата со долг дострел на Руската Федерација. Предупредуваме дека е активирана полската и сојузничката авијација, што може да доведе до зголемување на нивото на бучава, особено во југоисточниот дел на земјата“ наведе командата на X (поранешен Твитер).
Претходно, Генералштабот на полската војска ги ставија во состојба на готовност воените авиони по забележаната активност на руската авијација со долг дострел.
Инаку, претседателот на Украина Володимир Зеленски најави дека неговата земја ќе добие нови резерви на оружје од Полска со цел да ја зајакне одбраната од целосна руска инвазија, јави ДПА.
-Ќе има нов пакет за снабдување со оружје од Полска, рече шефот на државата за време на неговото традиционално видео обраќање синоќа до нацијата. На неговиот вчерашен состанок со Туск во Киев, двајцата разговарале и за идното заедничко производство на оружје и муниција. Третата тема на разговорите што ја спомена Зеленски беше обуката на украинските војници во полскиот вооружен систем.
Украинскиот претседател не откри детали за распоредот за испорака на оружје, како и за содржината на пакетот помош. Варшава се смета за еден од најблиските и најважните сојузници на Киев. Од почетокот на руската инвазија на Украина пред речиси две години, Полска ја снабдува Украина со борбени тенкови, вклучително и Леопард, и борбени авиони МиГ.
Во својата видео порака, Зеленски му се заблагодари на Туск за неговата воена и политичка поддршка, како и за напорите за решавање на конфликтот со полските камионџии и нивната блокада на границата со Украина.