Создавањето на пратеничката група Патриоти за Европа (ПФЕ) во Европскиот парламент, покажува дека унгарскиот премиер Виктор Орбан е многу помалку изолиран во ЕУ отколку што тоа се мислеше, оценува бриселскиот портал „Политико“.
Во коментар на порталот се потенцира дека создавањето на коалиција на оние што ја споделуваат стратешката цел на Орбан за создавање на „Европа на национални држави“, покажува дека екстремно десничарските партии во ЕУ се поусогласени околу оваа визија како никогаш досега, со што директно го предизвикуваат попрагматичниот десничарски популизам што го промовира италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Орбан успеа да формира блок во кој покрај неговата партија Фидес и францускиот Национален собир (РН) на Марин Ле Пен, се вклучени и членките на поранешната екстремно десничарската група во ЕП, Идентитет и демократија (ИД), меѓу кои и холандската Партија на слободата (ПВВ) на Герт Вилдерс, кој стана дел од новата Влада на Холандија.
– Сепак, ова нема сосема да ја промени рамнотежата на силите во Парламентот и веројатно нема значајно да влијае врз креирањето на политиките на ЕУ, барем на краток рок. Центристичките про-ЕУ партии задржаа значително мнозинство во Брисел. Заедно со Зелените, тие лесно обезбедија доволно гласови за повторен избор на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за втор мандат, како и за поддршка на нејзините законодавни приоритети, се наведува во коментарот.
Политико“, како што јави дописникот на МИА од Брисел, оценува дека во сегашната ситуација групата ПФЕ ќе „остане во опозиција“ со ограничена можност да влијае на законодавниот процес на ЕУ и дека иако поради својата бројност ќе има дополнително финансирање и влијание во парламентарните постапки, сепак ќе и биде ускратена каква било значајна застапеност во раководните тела, како што се парламентарните потпретседатели и претседателите на комитетите.
Но, според авторот на коментарот, ПФЕ претставува „директен предизвик за третиот пат на конструктивен популизам“ на Мелони, чија партија Браќата на Италија (ФДИ) и нејзиниот главен сојузник во групата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), полската опозициска партија Право и правда (ПиС), одбија да му се придружат на блокот на Орбан.
– Ова значи дека Мелони, засега, ќе продолжи да се движи на теренот меѓу екстремната десница и естаблишментот на ЕУ, додека ги држи отворени сите опции. Нејзините пратеници сега ја поставуваат ЕЦР како мост меѓу двата табора. Фактот дека подемот на РН беше ограничен во вториот круг од француските парламентарни избори и дава на Мелони уште една причина да чека и да продолжи да работи конструктивно со Брисел, Берлин и Париз за да ги унапреди приоритетите на Италија, се наведува во коментарот.
Сепак, Мелони не успеа во нејзините амбиции ЕЦР да стане трета по големина група во Европарламентот, откако шпанската партија Вокс реши да премине од редовите на „конзервативците“ кај „патриотите“.
Од друга страна, во моментов „патриотите“ имаат само едно место во Европскиот совет во ликот на Орбан, а членки на нивната група се холандската ПВВ и италијанската Лига на Матео Салвини, кои се значајни партнери во владините коалиции на нивните земји, со што, според „Политико“, на одреден начин може да имаат влијание врз ставовите што Хаг и Рим ги застапуваат во Советот на ЕУ.
Според авторот на коментарот, сепак бројот на „патриотите“ во Советот на ЕУ веројатно ќе се зголеми во наредниот период, бидејќи на неколку национални избори закажани за следните месеци членки на ПФЕ имаат добри шанси да станат дел од владите во нивните земја, како што е Австрија, каде на изборите во септември се очекува победа на Партијата на слободата на Австрија (ФПО) или Чешка, каде во пресрет на есенските избори анкетите укажуваат на водство на националистичката и популистичка Акција на незадоволните граѓани (АНО) на поранешниот чешки премиер Андреј Бабиш.
Инаку, ФПО и АНО, заедно се Фидес на Орбан се трите партии основачи на групата Патриоти за Европа.
– Ваквиот развој на настаните би претставувал ризик за поткопување на кохезијата на ЕУ во клучните области, пред се буџетот, проширувањето и надворешната политика, особено кога станува збор за Украина, се додава во текстот.
Според „Политико“, ЕУ досега наоѓаше начини да ги заобиколи ветата на Орбан во врска со Украина, но со евентуален поголем број екстремно десничарски членови во Европскиот совет, ваквата пракса би била тешко спроведлива.
Но, авторот на коментарот, посочува дека дел од десничарските партии би можеле да ја променат реториката доколку станат дел од владите, посочувајќи ги како пример Мелони, чиј Кабинет ја продолжи силната италијанска поддршка за Украина, словачкиот премиер Роберт Фицо, кој не ги оствари своите најави за ускратување на воената помош за Киев и не го искористи своето вето во Европскиот совет, како и холандската ПВВ, која ја ублажи својата позиција согласувајќи се на продолжување на поддршката на Холандија за Украина како дел од договорот за формирање на новата владина коалиција.
– Можно е и други екстремно десничарски партии пријателски настроени кон Русија да бидат кооптирани на сличен начин, но сепак јасно се зголемува ризикот за компромитирање на европската кохезија, особено ако поранешниот американски претседател Доналд Трамп победи на претседателските избори во ноември, се заклучува во коментарот на „Политико“.