По десет години неактивност, отворен е патот за одново ставање во функција на нафтоводот Солун – Скопје, откако надлежната регулаторна комисија на Северна Македонија дала зелено светло и лиценца за работа, според извршниот директор на грчката компанија „HELLENiQ ENERGY“, Андреас Сиамисис, јави дописничката на МИА од Атина.
Во интервју за „Катимерини“, Сиамисис коментира дека ова е „важна позитивна разврска“ со оглед на тоа дека е дадено решение на повеќегодишен проблем и вложените напор, „конечно донесоа резултат“.
-Сепак, треба да додадеме дека останува уште работа за нафтоводот да почне со трговска работа. Постојат значајни отворени прашања, кои верувам дека ќе се решат со добра волја од двете страни. Ќе продолжиме да работиме во оваа насока бидејќи, како што знаете, на овој пазар HELLENiQ ENERGY е позиционирана стратешки, со долгорочен план. Да потсетам дека во Северна Македонија сме над 20 години, вели извршниот директор на грчката компанија.
Нафтоводот, според него, може годишно да пренесува 2,5 милиони тони сурова нафта и нафтени деривати (дизел, керозин и бензин).