По два месеца заробеништво, речиси сто лица беа успешно евакуирани од челичарницата Азовстал во Мариупол и конечно гледаат дневна светлина. По низа неуспешни обиди за организирање хуманитарни коридори во областа околу комбинатот веќе втор ден не се слушаат истрели, а според најавите, евакуацијата ќе продолжи. Меѓу првите извлечени од ужасот во челичарницата е и шестмесечно бебе.

Advertisements

„Свјатослав се вика. Вчера наврши шест месеци“, вели неговата Мајка.

„Секогаш се грижевме децата прво да јадат, а нам што ни останува. Ни снема залихи од храна“, рекоа евакуираните лица.

„По повеќенеделни преговори, по многу обиди со различни земји, по големи напори – конечно! Конечно успеавме да започнеме со евакуација на луѓето од Азовстал. Од почетокот на војната работевме на создавање коридор. За првпат овде имаше дводневен прекин на огнот“, рече Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Додека во Мариупол на сила стапи краткотраен прекин на огнот, украинскиот претседател Зеленски информира дека руските напади се засилиле на истокот на земјата, особено во Харкив и Донбас. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров пак, истакна дека акциите на руската војска ќе продолжат до остварување на целите, меѓу кои и денацификација и демилитаризација на Украина. Тој ги демантираше информациите дека Москва планирала крај на воените дејствија на 9 Мај – Денот на победата над фашизмот.

„Зеленски го спомнува аргументот „за каква нацификација станува збор, кога јас сум Евреин“. Ако добро се сеќавам, можеби сум грешка, но и Хитлер имаше еврејско потекло, така што тоа нам не ни значи ништо“, изјави Лавров.

По ваквата изјава, остро реагираше Израел. Министерот за надворешни работи Јаир Лапид рече дека зборовите на Лавров се непростлива, срамна и историска грешка, по што побара извинување од Москва. „Да се каже дека Хитлер бил Евреин е исто како да се каже дека Евреите сами себе се убивале“, рече Лапид.

Лука Андреев