Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, изјави дека претставниците на ЕУ треба да се воздржат од прекумерно фалење на реформите во Србија, која е потресена од месеци антивладини протести предизвикани од железничката несреќа во Нови Сад пред една година.
Тој се осврна на честите пофалби од Европската комисија, како онаа минатата година кога претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, му се обрати на српскиот претседател Александар Вучиќ со „драг Александар, покажа дека делата ги следат твоите зборови“.
За време на посетата на Белград во среда, наративот малку се смени, при што фон дер Лајен му се обрати на Вучиќ со „Господине претседателе“.
„Апелираме до Комисијата наместо тоа јасно да ја артикулира потребата од вистински и сеопфатни реформи, вклучително и враќање на демократските институции, зајакнување на владеењето на правото и борба против корупцијата и организираниот криминал“, рече Пицула.
Потпретседателката на пратеничката група на С&Д, белгиската европратеничка Кетлин Ван Бремпт, која е задолжена за проширување на ЕУ во нејзината група, истакна дека секоја неоправдана пофалба од страна на Комисијата за властите во Србија води до тоа студентите и граѓаните што протестираат на улиците да се чувствуваат предадени.
Европскиот парламент следната недела во Стразбур ќе дебатира за резолуција за растечката репресија во Србија, една година откако се урна настрешница на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 лица. Трагедијата предизвика месеци протести што Вучиќ ги нарекува „обоена револуција“.
Во изјава за новинарите во Брисел, Пицула рече дека од февруари до септември оваа година имало повеќе од 10.700 протести низ цела Србија, кои биле обележани со репресија врз демонстрантите, произволни апсења и политички мотивирани притворања.
фото: принтскрин
Текстот Пицула ја критикува ЕУ за пофалбите што ги дава на Србија: „Наместо тоа, барајте вистински реформи“ е превземен од МАКФАКС.