Кандидатката за градоначалник на Скопје, Ана Петровска, по објавата на Студијата за оцена на влијанието врз животната средина на проектот Гасовод на Водно, од страна на Јани Макрадули, призна дека била дел од неа, но и дека не застанала целосно зад сите мислења во Студијата.

„Ова е една Студија работена пред една деценија, не сум потпишала ништо ниту сум била консултирана за заклучоците, ниту знам кога е одобрена од Министерството за животна средина. Сум дала одредени елементи и поглавја, меѓутоа не можам да застанам да кажам дека целосно ја поддржувам. Јас не сум ја одобрила и не сум застанала зад неа“, рече Петровска за Студијата за гасоводот.

Во заклучоците од Студијата од 2011, а во чија изработка учествувала Петровска, пишува дека гасоводот на Водно нема да влијае врз квалитетот на животната средина. Петровска денеска изјави дека гасоводот не требало да помине.

„Гасоводот не требаше да помине, но тоа требало да го кажат членовите од тимот кои што биле одговорни за влијанијата врз билошката разновидност“, вели Петровска.

Јани Макрадули реагираше дека е непријатно изненаден од нејзиниот коментар со кој ја префрла одговорноста на него. Тој на својот фејсбук-профил ја објави Студијата за оцена на влијанието врз животната средина на проектот Гасоводот на Водно од 2011 година, каде посочува дека Петровска е еден од авторите.