Бугарскиот премиер Кирил Петков изјави дека неговата земја е подготвена за прекинот на испорака на руски гас. Руската државна енергетска компанија Газпром најави дека од денеска го прекинува снабдувањето со гас за Бугарија. За таквата одлука на Газпром е известен и Булгаргаз, бугарската државна компанија која се занимава со снабдување со гас. Петков на почетокот на седницата на бугарската влада рече дека во моментов се разгледува договорот за транзит на гасот низ неговата земја.
Advertisements
„Бугарија нема да подлегне на рекет и уцени да го плаќа природниот гас во руски рубљи, а во исто време нема да го намали снабдувањето со природен гас за потрошувачите во земјата. Министерството за енергетика на Бугарија има јасен акциски план во сегашната ситуација“, рече Петков.
Според него, властите во земјата на ниту еден начин нема да го намалат снабдувањето со гас на потрошувачите. Петков додаде дека прекинот на испораката на гас за Бугарија е кршење на сегашниот договор. Според него, Бугарија ги преиспитува сите договори со Гаспром, вклучително и договорот за транзит низ Бугарија, бидејќи, како што порача, еднострано дејство на изнуда е неприфатливо.