„Зошто едноставно не се заразиме со омикрон и да завршиме со таа работа? Благ е, нели? И може да го зајакне имунитетот, прашува мојот образован пријател, вакциниран со две дози и бустер, кој со прашањето всушност, гласно размислува како и многу луѓе, вели Сенди Ламот за Си-ен-ен.
Идејата намерно да фатиме омикрон е во тренд, рече д-р Пол Офит, директор на Центарот за едукација за вакцини во Детската болница во Филаделфија.
Таа пламна како шумски пожар, се согласи д-р Роберт Марфи, извршен директор на Институтот за глобално здравје Хеви на Медицинскиот факултет Фајнберг на Северозападниот универзитет.
И тоа е широко распространето, доаѓа од секакви видови луѓе, вакцинирани и бустирани и антиваксери, додаде тој, со предупредување. „Луди сте ако се обидете да се заразите со него. Тоа е како да си играте со динамит“.
Доколку помислата ви поминала низ глава, еве пет причини зошто не треба намерно да се обидувате да се заразите со омикрон.
1. Не е „лоша настинка“
Висока температура, болки во телото, отечени лимфни јазли, болки во грлото и тешка конгестија често се пријавуваат дури и кај поблагите случаи на варијантата омикрон, рече Марфи, по што луѓето со денови се премалени.
„Луѓето зборуваат за омикрон како да е настинка. Тој не е лоша настинка“, рече Марфи. „Тоа е животозагрозувачка болест.“
Една неодамнешна студија на повеќе од еден милион луѓе објавена од Центарот за контрола и превенција на болести на САД покажа дека ризикот од тежок исход од ковид-19 е поголем кај вакцинираните лица што имаат 65 години или постарите, кај луѓе со ослабен имунолошки систем или луѓе што имале барем една од следните здравствени состојби: дијабетес или хронична бубрежна, срцева, пулмонална, невролошка болест или заболување на црниот дроб.
Сепак, дури и луѓе без никакви претходни болести може да се разболат сериозно, рече Марфи. „Во моментов имам еден вакциниран, бустиран пациент – над 65 години без никакви други фактори на ризик – кој е во болница и се чувствува лошо.“
Вистината е дека ако го фатите омикрон сојот на ковид-19, за разлика од делта, „помала е веројатноста да бидете хоспитализирани, помала е веројатноста да одите на интензивна нега, помала е веројатноста да бидете ставени на механички вентилатор и помала е веројатноста да умрете – и тоа важи за сите возрасни групи“, рече Офит.
„Но тоа не значи дека тоа не може да биде тешка болест“, додаде Офит. „Тоа е само помалку сериозно. Но, немате 0% шанси да умрете. Никогаш не треба да сакате да се заразите“.
2. Може да добиете долг ковид
Губењето на сетилото за мирис (а со тоа и сетилото за вкус) стана почест симптом кај благите случаи на ковид-19. Истражувањата покажуваат дека на околу 80% од луѓето им се враќа способноста за еден месец или нешто повеќе, но други сè уште не можат да помирисаат или да вкусат нешто и по шест или повеќе месеци. Мал број несреќници можеби никогаш нема да ги вратат тие две сетила.
Колку и да е непријатно, тоа е само една од многубројните здравствени грижи што може да траат и да траат по случај на ковид-19. Наречен „долг ковид“, феноменот се карактеризира со исцрпувачки симптоми како отежнато дишење, силен замор, треска, вртоглавица, мозочна магла, дијареа, палпитации на срцето, болки во мускулите и стомакот, промени во расположението и тешкотии со спиењето.
Тешките форми на долг ковид може да ги оштетат белите дробови, срцето и бубрезите, како и вашето ментално здравје, и може да се квалификуваат како инвалидитет според Законот за Американците со инвалидитет и другите федерални статути.
„Сè уште се обидуваме да го разбереме долгиот ковид“, рече Офит. „Бидејќи не го разбираме, не би сакал толку да брзам да добијам инфекција од природен вирус.“
„Природниот вирус секогаш се нарекува вирус од див тип, и има добра причина за тоа: тој е надвор од контрола“, рече Офит. „Никогаш не ризикувајте да се заразите од природен вирус“.
3. Им ја ширите болеста на децата
Нешто повеќе од половина (54%) од децата на возраст меѓу 12 и 17 години што ги исполнуваат условите за вакцини против ковид-19 се целосно вакцинирани. Само 23% од децата на возраст од 5 до 11 години ја примиле својата прва доза, според ЦДЦ.
Бидејќи бустер-дозите – кои се сметаат за клучен воин во борбата против омикрон – дури минатата недела беа одобрени од ЦДЦ за деца на возраст од 12, малку деца ја добија таа трета доза.
Тоа значи дека секое ризично однесување што може да ве изложи на омикрон, како што е неносење маска, непочитување на упатствата за социјално дистанцирање или собирање во толпи, особено во затворени простории, потенцијално ќе ги изложи другите, кои потоа може да им го пренесат вирусот на своите деца.
Податоците од Американската академија за педијатрија покажуваат нагорен тренд на инфекции кај децата, што далеку го надминува „врвот на минатите бранови на пандемијата“.
„За неделата што завршува на 6 јануари, пријавени се над 580.000 случаи на деца со ковид-19“, според бројките објавени во понеделникот од ААП.
„Овој број е зголемување од 78% во однос на уште 325.000-те случаи пријавени во неделата што завршува на 30 декември и речиси тројно се зголеми бројот на случаите од пред две недели“, изјави ААП.
Инфекциите со ковид-19 кај децата досега во пандемијата обично беа благи, но огромниот број случаи предизвикани од мошне заразната варијанта омикрон ги испраќа децата под 18-годишна возраст во болниците во рекорден број, според податоците од ЦДЦ.
„Би рекол дека најдобриот начин да се заштитат тие деца е да се вакцинираат според подобноста и да се опкружат со браќа и сестри и родители што и самите се вакцинирани“, рече директорката на ЦДЦ, д-р Рошел Валенски, на прес-конференцијата во петокот.
4. Ќе го оптоварите здравствениот систем
Со намерно фаќање на која било варијанта на САРС-КоВ-2, што е официјалното име на новиот коронавирус, „ќе ја одржите пандемијата и ќе го напрегнете здравствениот систем“, рече Марфи.
Во текот на викендот, речиси една четвртина од повеќе од 5.000 болници што известуваат во американското Министерство за здравство и човечки услуги соопштија дека страдаат од „критичен недостиг од персонал“. Тоа е поголем број од кое било друго време за време на пандемијата, покажаа податоците.
Недостигот од кадар се очекува уште да расте бидејќи здравствените работници во првите редови се или заразени или се принудени да одат во карантин откако ќе бидат изложени на ковид-19. Недостигот од здравствен персонал не можеше да дојде во полошо време – повеќе од 138.000 пациенти со ковид-19 беа во американските болници од саботата, според ХХС.
„Здравствениот систем не е дизајниран да ги негува само луѓето со ковид. Тој е дизајниран да ги негува и децата со апендицитис и луѓе со инфаркт и луѓе од сообраќајни несреќи“, изјави за Си-ен-ен д-р Ашиш Јха, декан на Школата за јавно здравје на Браун универзитетот. „И сето тоа ќе биде многу, многу потешко, бидејќи имаме голем дел од населението што не е вакцинирано, многу луѓе со висок ризик што не се бустирани“, додаде тој.
5. Не задевајте се со мајката природа
Дали некогаш во историјата било добра идеја намерно да се фати болест? Оние на одредена возраст ќе се сетат на времето кога родителите организираа „сипаници-забави“ за да ги изложат своите мали деца на некое заразено дете. Бидејќи случаите на овчи сипаници се потешки, идејата беше вашето дете да ги фати рано за да ги „преболи“.
„Ох, и тоа беше лоша идеја“, рече Офит. Тој раскажа приказна за едукативен филм за вакцините што го направил пред години, а камерманот открил дека има сестра што го однела своето дете на сипаници-забава. Трагично, детето починало од инфекцијата.
„Не се плеткајте со мајката природа“, рече тој. „Таа се обидува да нѐ убие уште откако излеговме од океанот на копно“.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.