Билатералните релации со Црна Гора се пресликуваат и во добрата соработка низ регионалните процеси. Споделуваме интерес за ЕУ интеграцијата, геополитичките случувања во поширокото соседство и влијанието од руската воена инвазија врз Украина, напиша на Фејсбук претсдеателот Стево Пендаровски, кој претпладнево ја почна дводневната официјална посета на Црна Гора.
Пендаровскив о Цетиње со највисоки државни и воени почести беше пречекан од претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.
По тет-а-тет средбата на двајцата претседатели, делегациите на Република Северна Македонија и Црна Гора одржаа пленарен состанок на кој беа потврдени одличните традиционални партнерски и пријателски односи, како и плодниот политички дијалог меѓу двете држави.
Во контекст на регионалната соработка, се разгледаа и прашањата од значење за европската иднина на двете држави, како и геополитичките случувања во поширокото соседство и влијанието од руската воена инвазија врз Украина.
Претседателот Пендаровски денеска ќе има средби и со црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ и со Дритан Абазовиќ, заменик премиер и мандатар за состав на нова Влада на Црна Гора.
Во Бар утре ќе се одржи свечена церемонија на која претседателот Пендаровски ќе му ја предаде спомен-плочата на Владимир и Косара на црногорскиот претседател Ѓукановиќ, во знак на силното пријателство и културно-историската врска меѓу Северна Македонија и Црна Гора.