Сѐ додека не напредуваме кон ЕУ, понационалистичките сили освојуваат терен, ова е проблем. Кога преговараш со ЕУ, политичката дискусија е во оваа рамка, постои пат, а во спротивно доаѓаат странски влијанија и тогаш сите почнуваат да се прашуваат „можеби постои друго алтернативно решение наместо ЕУ?“, вели претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски во интервју за неделното издание на грчкиот весник „Катимерини“, јави дописничката на МИА од Атина.
Објаснува дека прво била грчката блокада, потоа француската страна барала нова методологија, а сега е бугарското вето и посочува дека некои обични луѓе велат дека „можеби Бугарија не се сама во оваа блокада“, како и дека можеби поголемите и посилните земји не сакаат воопшто Западен Балкан да се интегрира во ЕУ, па така, според претседателот, граѓаните можеби се прашуваат дали треба да се бараат алтернативни решенија.
-Сметам дека Европската Унија се движи во спротивна насока, посочува Пендаровски.
Паралелно ја објаснува ситуацијата со земјите од регионот, како што вели: целосно заборавена Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора се лакмусов тест за европската интеграција, со преговори што траат со години, наспроти Хрватска која за седум години стана членка.
-Европејците ретко заземаат единствен став за многу работи. Можам да ви кажам дека ако ги прашате луѓето дали ЕУ навистина го мисли она што го вели дека еден ден ќе ја реализира интеграцијата на сите, ќе кажат „не“ со големо мнозинство. Поради овој јаз, во изминатата година поддршката за европска интеграција во мојата земја е намалена за 20 отсто , од 85 проценти на речиси 65 -67 отсто, објаснува Пендаровски.
За евентуалните странски влијанија во регионот, вели дека постојат вон-регионални играчи, а „нивното влијание го почувствувавме особено по 2018 година и референдумот за името“, кога преку ноќ се појавиле тврдења дека „не треба да станете членка во НАТО“, „не треба да станете членка на ЕУ“.
-Добивме помош од НАТО Алијансата во ова прашање. Во септември 2018 година, експерти од Пентагон дојдоа во Скопје, заедно со поранешниот секретар за одбрана Џејмс Матис, за да помогнат во справувањето со ова злонамерно влијание. Генерално, вонрегионалните играчи ја водат сета оваа политичка пропаганда преку регионални претставници, објаснува Пендаровски.
Во однос на грчката поддршка на патот кон ЕУ, вели дека „Грција 25 години беше главната причина за нашата блокада, а сега е нашиот најгласен поддржувач“.
Нимиц не беше многу оптимист дека додека е жив ќе се постигне договор
Во интервјуто за „Катимерини“ Пендаровски говори и за постигнувањето на Договорот од Преспа, но и за периодот претходно.
Објаснува дека во 2001 година, за време на Владата на Љубчо Георгиевски, според изворите од тој период, предлогот за името бил Северна Македонија, но тогашниот премиер не обезбедил мнозинство, а сите политички сили во тоа време биле преокупирани со Охридскиот договор.
Открива дека Нимиц не бил толку оптимист дека додека е тој жив, двете страни ќе се договорат, а активна улога во постигнувањето на решението одиграле меѓународната заедница, особено Вашингтон, но не и Брисел.
-Господинот Нимиц не беше толку оптимист – разговарав со него по Договорот од Преспа- дека во текот н неговиот живот ќе видеше постигнување на договор. Според мене, она што одигра клучна улога во постигнувањето договор беше политичката храброст на двете раководства. Сите знаат дека кога склучуваш толку деликатни и чувствителни договори, не ја подобруваш својата политичка позиција. Премиерите на двете земји, но и меѓународната заедница беа многу активни, особено Вашингтон. Постоеше триаголник на успехот: Атина, Скопје и Вашингтон, објаснува претседателот.
На прашањето за улогата на Брисел, вели дека ЕУ е хетерогена организација и додава дека дури и Времената спогодба била постигната по притисок од Американците, коментирајќи дека „не постои ниту еден сериозен спор на Балканот во кој САД не игра клучна улога“.
Додава дека дури и американскиот амбасадор во Атина, Џефри Пајат одиграл значајна улога во некоја фаза од преговорите, но сепак вели дека најважниот дел била првата средба во Давос меѓу Зоран Заев и Алексис Ципрас.
На оваа средба, според Пендаровски, тогашниот грчки премиер го прашувал Заев за ерга омнес, на што добил одговор дека е потребно двотретинско мнозинство во Собранието, а Ципрас прашал зошто не оди на избори за да добие мнозинство.
-Заев му одговори дека практично е невозможно за било кој во Северна Македонија да добие двотретинско мнозинство на било кои избори. Киро Глигоров во 1994 година доби двотретинско мнозинство со политичката структура што ја водеше тогаш, но само затоа што опозицијата го бојкотираше вториот круг. Дури и со легендарниот Глигоров не можевме да го постигнеме тоа. „Како да го сторам јас?“, рече Заев, а тогаш Ципрас му рече: „Тоа е твоја надлежност, јас само прашав“ , открива претседателот.
Моето чувство е ако денешната опозиција дојде на власт, ќе го почитува Договорот од Преспа, но, ова е само претпоставка
Говорејќи за Договорот од Преспа, посочува дека отпорот и во двете земји бил огромен и сè уште постои во одредени делови на општеството, истакнувајќи дека за Северна Македонија беше особено тешко бидејќи требаше да се промени името и Уставот, нешто што не беше случај со Грција.
На прашањето што би се случило во Северна Македонија, доколку има промена на власта и дали би се почитувал Договорот од Преспа, претседателот вели дека со оглед на тоа што власта е иста, може само да се претпоставува, но и истакнува дека не му е особено драго што опозицијата кај нас сè уште е против Договорот од Преспа.
-Она што би го очекувал од опозициските партии е да речат, во ред, не го потпишавме договорот, како што стори и Мицотакис во Грција, но кога ќе дојдеме на власт, бидејќи сме сериозни политичари на сериозна демократија, ќе има континуитет. Континуитетот на државната политика треба да биде карактеристика на секоја сериозна држава. Таква реторика, таква порака, би сакал да слушнам од опозицијата. Можеби не се чувствуваат подготвени да го кажат тоа бидејќи се во опозиција. Моето чувство е дека ако денешната опозиција дојде на власт, ќе го почитува Договорот од Преспа. Но, ова е само претпоставка, бидејќи не можам да замислам дека би отстапиле од перспективата за членство во НАТО и ЕУ, објаснува претседателот во интервјуто за „Катимерини“, пренесе МИА.
За моменталната состојба со Договорот, претседателот го посочува она што го кажа и во интервјуто за МИА, дека пред патувањето за Грција, од нашето МНР побарал извештај за нашиот дел од обврските и истакнува дека 99,9 отсто веќе се имплементирани.
-Можам да ви кажам дека во разговорите овде, кога прашав за грчките обврски, соработката во областа на полицијата итн, ништо чувствително, премиерот рече дека не сака да „ги гребе раните“ и дека политичките околности во овој момент во Грција не се погодни за таков вид работи. Реков дека не сум во позиција да ве притискам, но целосно ја разбирам вашата позиција, вели претседателот.
Паралелно, во интервјуто ги споменува и двата проекти во енергетиката, гасоводот Скопје- Солун и терминалот за природен гас во Александруполи.