Жителите на Пекинг ги преплавија супермаркетите за да обезбедат храна, сакајќи да избегнат недостиг како во Шангај во случај повторно да биде воведено заклучување во целиот град, пишува Гардијан. Имено, главниот град на Кина бележи сѐ поголем број на заразени со Ковид.

Advertisements

Властите во Пекинг наредија 3,5 милиони жители и работници во најголемиот кварт Чаојанг да спроведат три тестирања за коронавирус оваа недела, откако областа забележа 26 од вкупно 47 симптоматски случаи низ градот заклучно со петок.

Кина во понеделникот пријави 3.266 симптоматски случаи и 20.454 асимптоматски случаи. Најголем дел од нив биле во Шангај, каде биле пријавени 19.455. Пекинг пријави 19 случаи во понеделникот, вклучително и 14 симптоматски.

„Сегашната епидемија во Пекинг се шири многу брзо од извори кои сè уште се непознати“, рече локален функционер во неделата.

Повеќе од десетина станбени згради во Чаојанг, богат дел од градот дом на амбасади и меѓународни бизниси, се заклучени.

„Сега се фокусираме најмногу на округот Чаојанг за да спречиме пандемија“, рече водачот на градскиот огранок на Комунистичката партија, Каи Чи.

Кинеските здравствени власти се надеваат дека во Пекинг ќе го избегнат она што се случи во Шангај, каде  по четири недели, затворањето доведе до голем недостиг на храна и доцнење на испораката, главно поради затворање на патишта и премалку возачи за испорака, што доведе до тесни грла во транспортот и широко распространето незадоволство.